На 11 август 2026 година Австралија повторно ќе го спроведе националниот Попис на населението – најголемото статистичко истражување во земјата, кое се организира на секои пет години. Австралиското биро за статистика (ABS) ги повикува сите лица што ќе се наоѓаат во земјата на пописната вечер да бидат вклучени во пописниот формулар.Пописот собира информации за возраста, земјата на раѓање, културното потекло, јазикот што се зборува дома, образованието, вработувањето и условите за живеење. Добиените податоци се користат за планирање на здравствените услуги, училиштата, јавниот превоз, инфраструктурата и локалните програми за поддршка на семејствата и заедниците.Според законот, секој што ќе се наоѓа во Австралија во ноќта меѓу 11 август мора да биде опфатен со Пописот.
Тоа се однесува не само на австралиските државјани и постојаните жители, туку и на носителите на визи, меѓународните посетители и странските студенти. Исклучок се австралиските жители кои во тој момент ќе бидат надвор од земјата, како и странските дипломати и членовите на нивните семејства.Во пописниот формулар задолжително треба да бидат наведени сите лица кои престојуваат во домаќинството на пописната вечер, вклучувајќи ги посетителите и бебињата. Пописот е задолжителен според Законот за попис и статистика од 1905 година, а Австралиското биро за статистика нагласува дека сите лични податоци се строго заштитени со закон и не се споделуваат со други владини институции.Пополнување онлајн или на хартијаКон крајот на јули домаќинствата ќе добијат инструкции по пошта за пополнување на Пописот.
Повеќето ќе добијат писмо со 16-цифрен пописен број и привремена лозинка, со кои формуларот може да се пополни електронски. Дел од домаќинствата ќе добијат и печатен формулар, кој по пополнувањето може бесплатно да се врати преку приложениот плик.Меѓународните посетители и студентите кои престојуваат во хотели, мотели или студентски домови ќе добијат инструкции директно од персоналот на објектот. Пописот може да се пополни и со помош од службите на Австралиското биро за статистика.Важен попис и за македонската заедницаПописот има особено значење за македонската заедница во Австралија, која претставува една од поголемите европски дијаспори во земјата. Според Пописот од 2021 година, 111.352 жители се изјасниле дека имаат македонско потекло, додека 66.173 лица го зборуваат македонскиот јазик во своите домови. Со тоа, македонскиот е 27-от најзастапен јазик што се зборува во Австралија.Најголем број Македонци живеат во државите Викторија и Нов Јужен Велс.
Во Викторија се регистрирани 49.429 лица со македонско потекло, претежно во северните и западните предградија на Мелбурн, особено во општината Витлси и Бримбенк. Во Нов Јужен Велс живеат 43.775 Македонци, најмногу во Сиднеј во пошироките области на Кентербери-Банкстаун и Вулонгонг. Во Западна Австралија се евидентирани 11.327 лица, претежно во градските општини Стирлинг и Ванеру во Перт.Токму затоа, учеството на македонската заедница во Пописот е важно за реално прикажување на нашата бројност и потребите на заедницата. Податоците добиени од Пописот имаат директно влијание врз планирањето на образовните, културните, здравствените и другите јавни услуги што ги користат Македонците низ Австралија.