Производителот на автомобили „Киа“ по дебито на новата ТВ реклама се најде под критики од членовите на грчко-австралиската заедница поради нивната високопрофилна кампања „Тасман Таун“.
Во сегментот е претставен Питер Даикос, великанот на Австралискиот фудбал со македонско потекло што ги бранеше боите на Колингвуд, познат како „Македонско чудо“, кој се појавува во рекламата како бизнисмен со мермер наречен „Македонски мермер“.

Покрај фактот што „ги чеша“ што Питер Даикос јавно се изјаснува дека има македонско потекло и зборот “Македонски мермер”, Грците плачат дека позадината со столбови во стилот на Партенон е причината за негодување.
Весникот „Грик Хералд“ од Сиднеј изразува загриженост поради употребата на класични грчки слики заедно со спорната терминологија од “загрижени читатели”.
„Разочарувачки е и нечувствително“, изјавил Стивен, еден од неколкуте читатели кои се жалеле на рекламата. „Да се прикажуваат слики што јасно се однесуваат на грчкото наследство, како што е Партенон, а потоа да се етикетира како „Македонски мермер“ испраќа погрешна порака. Тоа ја замаглува историјата и го навредува културниот идентитет на Грција.“
Сотирис Хациманолис, главен уредник на„Неос Космос“, весникот на грчката заедница со седиште во Мелбурн, ја спореди употребата на симболот со „погрешно претставување на Улуру во австралиската култура“. Тој изјави дека „начинот на кој е претставен симболот е дезинформативен и навредлив за грчката заедница“.
Контроверзноста се врти околу фразата „Македонски мермер“, која некои грчки Австралијанци ја сметаат за референца што е во спротивност со Преспанскиот договор од 2018 година.
Клучна одредба од договорот беше взаемна обврска за избегнување на културно присвојување или погрешно претставување, особено во однос на античката хеленска историја и симболи.

За многумина во грчката дијаспора, комбинацијата од античка грчка иконографија и етикетата „Македонски“ се чувствува како намерна, или во најдобар случај невнимателна провокација.
Од компанијата „Киа“ забележа дека сцената со „Македонски мермер“ е шеговита асоцијација кон добро познатиот прекар на Питер Даикос, „Македонското чудо“. Компанијата, исто така, соопшти дека прикажаните столбови биле наменети да бидат генерички архитектонски елементи, слични на оние пронајдени во Археолошкиот музеј на Македонија што се наоѓа во Скопје.
Рекламната кампања „Тасман Таун“ е едногодишен маркетиншки напор исполнет со познати личности, за промоција на новиот автомобил на „Киа“. Третата фаза од кампањата ја прикажува Еш Барти во поправач на нерешени проблеми, што доведе до спасување на ѕвездени играчи предводено од спортски легенди, вклучувајќи ги Лук Лонгли, Ерин Филипс, Џеф Туви и Рафаел Надал, меѓу другите.
За тие што не знаат Питер Даикос е роден во 1961 година во Мелбурн. Негови родители се Стамко и Милка Даикос од селото Баница (сега Веви) во денешните граници на Грција и пристигнале како имигранти во Австралија во текот на 1950-тите.
Даикос е дел од Македонско-австралиската заедница и за време на неговата фудбалска кариера секогаш гордо го истакнуваше своето Македонско потекло. Како фудбалер, Даикос е познат по неговиот прекар „Македонското чудо“, и стилот на игра со неверојатна контрола на топката.
Неговите синови, Џош и Ник, исто така ја продолжија традицијата и играат за популарниот клуб Колингвуд.