Почнува имунизацијата на децата со попреченост

Сите корисници на Националната програма за осигурување лица со инвалидитет (NDIS), кои имаат 12 и повеќе години ќе имаат право да ја примаат вакцината на “Фајзер“.

Овој потег на Сојузната влада пред се е насочен кон помладите корисници на NDIS и ќе овозможи пристап до вакцини за уште 40.000 деца кои живеат со попреченост.

„Од 1 септември сите деца на возраст од 12 до 15 години, кои се вклучени во програмата NDIS, можат да ја примат вакцината “Фајзер“. До сега оваа вакцина можеа да ја примат само млади луѓе кои имаат придружна хронична болест, а сега оваа можност ја добија и останатите. Мислам дека за децата корисници на NDIS ова е особено важен вид заштита – изјави сојузниот министер за здравство, Грег Хант.

Управата за терапевтски средства (TGA) неодамна ја одобри вакцината “Фајзер“ за сите австралиски деца на возраст од 12 и повеќе години, меѓутоа сојузната влада се уште чека препорака од Техничкото советодавно тело за имунизација (ATAGI) пред да почне вакцинирање на сите тинејџери. Засега се вклучени само деца со хронични заболувања или инвалидитет и деца со абориџинско потекло.

Минатата недела прајминистерот Скот Морисон рече дека очекува „ATAGI набрзо да излезе со одлука “, истакнувајќи дека Националниот кабинет на претходниот состанок веќе се сложил децата да се вакцинираат што е можно поскоро. Една од причините е што во последниот бран на коронавирусот се поголем е бројот на заразени млади луѓе.

Морисон рече дека имунизацијата на децата ќе се организира делумно во училиштата, а делумно преку семејствата и во моментов се работи на подготовка на оваа програма. Сепак, прајминистерот посочи дека ниту една вакцина не е одобрена за деца помлади од 12 години, како во Австралија, така и во целиот свет.

Останати вести