Прва лига на НЈВ – 22. коло, Вестерн Сити Ренџерс – Сиднеј Македонија 2:3

Сиднеј Македонија освои нови три бода на гостувањето кај Вестерн Сити Ренџерс, славејќи со 3:2 во натпревар од 22. коло на Првата лига на Нов Јужен Велс.

„Лавовите“ од Бенкстаун одиграа одличен натпревар и уште од самиот почеток ја презедоа контролата, создавајќи предност што успешно ја сочуваа до последниот судиски свиреж.

Резултатот го отвори Баи Антониу во 28. минута, носејќи и водство на Сиднеј Македонија од 0:1. Пред заминувањето на одмор, во 40. минута, Томислав Ускок ја зголеми предноста на 0:2.

Во второто полувреме домаќините намалија преку Рубин Аваритеф во 57. минута, но само десет минути подоцна Баи Антониу со својот втор погодок на натпреварот повторно ја врати предноста од два гола, зголемувајќи на 1:3.

Во самиот финиш Димо Димо постигна гол за Вестерн Сити Ренџерс и го постави конечниот резултат 2:3, само ублажувајќи го поразот на домашниот состав.

По оваа победа Сиднеј Македонија останува на третото место на табелата, со само еден бод помалку од второпласираниот Нордерн Тајгерс.

Во следното, 23. коло, Сиднеј Македонија ќе биде домаќин на Дулвич Хил. Натпреварот е закажан за сабота, 4 јули, со почеток во 17:00 часот.

Останати вести