Екипата на Сиднеј Македонија продолжува со одличните настапи во Првата лига на НЈВ, откако на домашен терен славеше со 2:1 против Булс Академи.
„Лавовите“ поведоа во 33. минута преку Џонатан Гроздановски, кој прецизно ја затресе мрежата и донесе предност за својот тим на полувремето.
Во вториот дел гостите успеаја да израмнат во 68. минута, кога Хенри Оливеира реализираше за 1:1 и внесе неизвесност во натпреварот.
Сепак, радоста на гостите траеше кратко. Само две минути подоцна, капитенот Блејк Ричуто се најде на вистинското место и го постигна победничкиот погодок за конечни 2:1.
Со овој триумф, Сиднеј Македонија врза шест последователни победи во лигата и се искачи на третата позиција на табелата.
Во следното коло, на 11 април (сабота) со почеток во 17:00 часот, Сиднеј Македонија ќе гостува кај Кентербери Бенкстаун.