Преговори Софија-Скопје: Се уште има различни позиции по три прашања

На 23 и 24 март во Скопје доаѓа министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, најави шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Како што кажа тој, на Дипломатскиот форум во Анталија имал средба со бугарскиот премиер Кирил Петков.

Османи истакна дека разлики се уште постојат, но исто така дека се прават обиди да се дојде до прифатливи решенија за двете страни.

– Се уште сме во различни позиции по однос на трите прашања, но фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да може да се успее. Ние сме унисони и функционираме во рамки на нашата Резолуција на нашиот парламентот. Се разбира и во Република Бугарија ги имаат своите ставови, но гледам волја во двете страни да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Веројатно ќе има понатаму и средба на највисоко политичко ниво. Битно е континуирано да разговараме отворено. Тоа што го имаме сега е дека разговараме отворено, секој претставувајќи ги своите позиции. Не можам да навлезам во детали во оваа фаза, истакна Османи.

Прашан дали има разлики во македонските редови, на пример, меѓу МНР и експертите и меѓу МНР и Владата, Османи категорично го демантираше тоа.

– Ние сме апсолутно унисони во ставовите, во позициите без никакви разлики во овој процес, што навистина ми е задоволство, бидејќи во таква атмосфера се работи многу полесно. Поради некој записник од Брисел се констатираше дека има разлики меѓу нивното МНР и другите чинители во коишто јас нема да се мешам, бидејќи тоа се внатрешни односи таму, рече Османи.

Но според дел од македонските медиуми се работи за записник од средбата на бугарските челници и еврокомесарот Вархеји во кој се нотира дека има разидување на позициите во македонското МНР и експертите во самото министерство. Во записникот наводно се наведува дека забележано е несовпаѓањето во наративот на политичко ниво од страна на министерот Бујар Османи, кој пројавува конструктивност, и позициите бранети на експертско ниво од МНР на Македонија. “Следува да се обмисли решението за отворените прашања да биде барано на политичко ниво меѓу министрите за надворешни работи на двете земји“ – стои во делот од објавениот записник.

Османи не сакаше да го коментира присуството на експремиерот Зоран Заев во Турција, кој изненадувачи по неколку месеци анонимност се појави на Форумот во Анталија и случајно или не се пофали дека се сретнал со бугарскиот премиер Кирил Петков и зборувале за иднината на Балканот, ама и за отворените билатерални прашања. Иако самиот Заев се пофали за неговите подвизи на фејсбук, Османи побрза да го оправда дека не бил таму во функција на преговарач со бугарските власти туку како гостин.

Опозицијата подолго време предупредува дека Заев и покрај неговото повлекување од политиката од позадина се уште ги влече конците во партијата и во државата, особено што актуелниот премиер Димитар Ковачевски речиси и да не се појавува на настани.

Останати вести