Околу 50-ина коњаници годинава се пријавија на конкурсот за учество на традиционалниот коњички марш што по повод најголемиот македонски национален празник – Илинден го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“ по 47-ми пат.
– Коњичкиот марш традиционално стартува од паркот „Јане Сандански“ во Општина Аеродром кога на коњаниците им се предава општинското знаме, а крајната дестинација е Крушево, каде што треба да стигнат на 2 август. Коњаниците придружувани од фаланга и играорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, со звуците на зурлите и тапаните се упатуваат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.
Пред испраќањето на „илинденците“, секоја година се одржува свечена литургија, по што традиционално се организира и богата музичка програма со настап на познати македонски естрадни уметници.
Покровител на годинашниот коњички марш е премиерот Христијан Мицкоски, а Општина Аеродром финансиски ќе го поддржи настанот како една од најголемите и најзначајните манифестации во оваа локална самоуправа, со цел да продолжи негата традицијата и македонската култура.