Фудбалската федерација на Австралија најави дека од април 2025 година ќе стартува новоформираната Национална Б лига, и еден од основачките клубови во таа лига ќе биде и нашата Престон Македонија.
Досега немаше класична втора лига во која ќе играат клубови од цела Австралија, туку второ по ранг беа натпреварувањата по сојузни држави во Националните премиер лиги (НПЛ). Фудбалската федерација најави дека и учесниците од новата Б–лигата ќе може да го задржат своето присуство во НПЛ со вторите тимови. Тоа значи дека и понатаму Престон Македонија ќе може да игра во Националната премиер лига со резервниот состав, се разбира доколку има желба и сила да одржува настапи во двете лиги.
Давид Цветковски претседателoт на Престон Македонија, беше присутен на официјалната промоција на осумте клубови што ја формираат Б-лигата: АПИА Леикард, Авондаел, Маркони Сталионс, Престон Лајонс (Македонија), Саут Мелбурн, Сиднеј Олимпик, Сиднеј Јунајтед 58 и Волонгонг Вулвс.
Фудбал Австралија најави дека ќе се примат уште 2 до 4 екипи со што би биле 10 до 12 учесници во Б–лигата, и тие ќе бидат објавени во наредните месеци. Бидејки првите осум се сите од НЈВ и Викторија, се очекува дека останатите екипи ќе бидат од другите држави.
Минатиов четврток спонтано беше организирана прослава во клубските простории во Резерво, каде се собраа симпатизерите, спонзорите и управата во чест на прекрасната вест. Таму можеше да се забележи претседателот Давид Цветковски, и тимот стратешки советници предводени од Зак Груевски, кои со нивната посветеност и професионализам успешно ја сврстија Престон Македонија како дел од основачите на Б-лигата.
Од осумте тимови седум се поранешни членови на Националната државна лига (NSL), поранешната прва лига на Австралија. Единствено Авондаел е без претходно искуство во национално натпреварување.


