„Титаник“ е првиот случај за кој уште на почетокот на 2016 година Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага
Четири условни и четири затворски казни беа изречени во Основниот кривичен суд во Скопје за осум лица – поранешни функционери во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ, како и други обвинети лица кои на претходното судско рочиште решија да признаат вина во предметот „Титаник“ (кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година).
Казните што ги соопшти судечкиот совет на чело со судијата Осман Шабани се:
По изрекувањето на пресудата, обвинителката Лиле Стефанова побара судот да му определи мерка куќен притвор на Јанакиески поради опасност од бегство. Како отежнители околности наведе што тој веќе со првостепена пресуда има затворска казна за настаните од 27 април 2017 година во Собранието и што се водат и други постапки против него, а како олеснителна ја посочи неговата здравствена состојба. Неговата одбрана реагираше дека нема потреба од таква мерка и посочи дека обвинителката не дала никаков доказ дека ексминистерот би можел да избега. Судијата Осман Шабани и судечкиот совет се повлекоа да размислат па на крајот сепак му одредија куќен притвор.
Гордана Јанкулоска, која исто така доби затворска казна, веќе се наоѓа во затворот во Идризово каде што ја издржува затворската казна за случајот „Тенк“.
И Мунир Пепиќ, кој доби едногодишна затворска казна, се наоѓа во затворот во Штип каде што издржува казна за настаните од Собранието на 27 април 2017 година.
За Митровски, кој е четвртиот кој денеска доби затворска казна, пак, Обвинителството не побара мерка за обезбедување.
Оваа пресуда е првостепена и одбраната на обвинетите има право да поднесе жалба до Апелацискиот суд за висината на казните.
„Титаник“ е првиот случај за кој своевремено, на почетокот на 2016 година, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага. По поднесувањето на обвинението првото рочиште беше закажано во април 2018 година, а по речиси четири години судења, на минатото рочиште на 11 февруари се случија и признанијата на вина.
Во предметот вкупно се обвинети 21 лице, а признавањето вина од осумтемина следуваше откако за тоа се отвори можност со оглед дека судскиот процес започна од почеток поради промена на поротник во судечкиот совет.
Тоа го ценеше и обвинителката Лиле Стефанова, па го наведе како олеснителна околност кога на минатото рочиште во судницата се изјаснуваше за казните.
Таа тогаш речиси за сите побара условни казни, освен за Миле Јанакиески, но и за Коста Митровски кому не може да му се одреди условна за делото за кое е обвинет – уништување изборен материјал. За нив таа побара ублажување на санкциите.
Ексминистерката Јанкулоска со обвинението се гонеше за повеќе дела и призна вина за: злосторничко здружување, повреда на избирачкото право и за повреда на слободата на определување на избирачите. При признавањето вина на минатото рочиште Јанкулоска рече дека иако смета оти судската постапка не смее да се води со оглед на помилувањата од бившиот претседател Ѓорге Иванов, сепак лично смета дека треба преземе одговорност.
Миле Јанакиески и Мартин Протуѓер, пак, признаа вина за повеќето дела, освен за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања – дело за кое ќе продолжи да им се суди.
Останатите дела кои му се ставаа на товар на ексминистерот за транспорт и врски, а за кои во понеделникот доби затворска казна се: злосторничко здружување, повреда на слободата на определување на избирачите и уништување на изборен материјал.
Протуѓер, пак, призна вина и доби условна казна за: злосторничко здружување и повреда на слободата на определување на избирачите.
Поранешната заменик-министерка за правда од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Бришковска-Бошковски, со обвинението се гонеше за фалсификување исправа и злосторничко здружување.
На тројца од останатите обвинети кои признаа вина и им беа изречени казни (Катерина Веловска, Киро Тодоровски, Мунир Пепиќ), пак, им се ставаше на товар злосторничко здружување и повреда на слободата на определување на избирачите.
Меѓутоа, и за Бришковска-Бошковски и за овие тројца обвинети, делото злосторничко здружување застаре, па нивната казна се однесува само за по едно кривично дело.
Последниот обвинет Коста Митровски одговара за уништување на изборен материјал.
Во „Титаник“ има 20-тина обвинети. Првообвинет како творец и организатор на злосторничкото здружение е избеганиот Никола Груевски, обвинет дополнително и за повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Останатите обвинети кои не се чувствуваат виновни, меѓу кои Илија Димовски, Кирил Божиновски, бившиот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко и уште девет други лица судењето продолжува на 9 март.
Со оглед дека Јанакиески и Протуѓер не признаа вина за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, и за нив судскиот процес „Титаник“ ќе продолжи само за ова дело.