Даниела Арсовска, претседателка на Сојузот на Стопански комори, ја обзнани својата кандидатура за скопски градоначалник. Се очекува ВМРО-ДПМНЕ да застане зад неа како независен кандидат (како што тоа го стори со Гордана Силјановска Давкова за претседател на државата).
– Одлучив да делувам и да се кандидирам за градоначалник на нашето Скопје како независен кандидат на сите вас кои знаете дека може подобро и ве повикувам заедно да се посветиме Скопје да прерасне во современа европска метропола! Како независен кандидат за градот Скопје би сакала да повторам зошто сум независен кандидат: јас не сум член на политичка партија и ја барам поддршката од сите граѓани и партии. Горда сум на скопјани, на нивната енергија и горда сум што сум нивен кандидат. Секоја поддршка е добредојдена. Само добар менаџер може да го спаси Скопје од сивилото. Доста ни е од приказни дека требаат години да се смени сегашната стагнација на градот, објави Арсовска преку социјалните мрежи.
Таравари: Се распрашав по пријатели за Арсовска, оставила добар впечаток
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, изјави дека лично не ја познава Даниела Арсовска но дека уште кога ја најавила својата кандидатура се распрашал и дознал дека “таа има фантастична биографија, дека е професионалец и човек кој што влева доверба кај граѓаните“.
– Зборував со нашето членство од Скопје и тие генерално имаат добар впечаток од Арсовска. Доколку таа е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за главниот град, ние ќе ја поддржиме, појасни Таравари.