Минатиов петок на Македонија парк се играше пријателски натпревар помеѓу нашата Стирлинг Македонија и А-лигашот Перт Глори. Преку 1,000 гледачи ја следеа средбата во која доминираше во првото полувреме Перт Глори и на одмор замина со високо водство од 4:0. Извонредниот стрелец Адам Таггарт беше назадржлив и ги постигна сите голови во 2 ′, 14 ′, 22 ′ и 44 минута.
Ален Стајчиќ, новиот тренер на Перт Глори, имаше можност да ги испроба своите избраници и новите тактики во оваа добра кондициона подготовка пред започнувањето на новата сезона на А–лигата.
Во второто полувреме Стирлинг Македонија собра сила по паузата и брзо постигна два гола преку Алекс Таневски и Јусиф Тото за 2:4. Тренерот на Глори полека ги смени сите десет играчи до 60 минута. Конечниот резултат го постави Дејвид Вилијамс во 89 минута за 2:5.
Во сабота, на 9 септември, започнуваат финалните средби на првите четири екипи на НПЛ за ЗА во првото коло Стирлинг Македонија игра со Перт Ред Стар, а Олимпик Кингсвеј и Перт се во другата средба. Двата натпревари започннуваат во 17 часот. Перт Ред Стар како сезонски првак автоматски ќе игра во финалето за шампионската титула.