Поштенска марка „Кедев – 14 највисоки врвови“ во издание на АД „Пошта“ – Скопје, беше промовирана во чест на македонскиот кардиолог, доктор на медицински науки и алпинист д-р Сашко Кедев, кој во 2025 година стана првиот Македонец што ги искачил сите 14 врва повисоки од 8.000 метри.
Од академик Кедев, кој се заблагодари за издавањето на поштенската марка, порака до младите е да не се плашат и никогаш да не се предаваат. Вели никој „никогаш не треба да се предава посебно пред болката и страдањето“ кои се најголемиот стимул за самореализација и наоѓање на оригиналното лице.
– Јас тоа го доживувам како национален успех, не како личен успех. Искачувањето на седумте највисоки врвови на секој континент и 14-те врвови над 8.000 метри на светот, тоа е национален успех. Се надевам дека ќе биде инспирација на сите кои што се на некое патешествие во овој правец бидејќи сè уште се соочуваме со предизвикот да го докажуваме нашиот национален идентитет и да го зачуваме, што е многу важна работа, рече д-р Кедев на промоцијата.
Во животот, продолжи тој, постојат два најважни моменти – едниот е кога доаѓаме на овој свет и вториот момент е кога ќе го најдеме одговорот на прашањето зошто. Тоа, додаде академик Кедев, обично се случува за време на нашиот животен пат од познатото кон непознатото, и од непознатото кон тоа што никогаш нема да го спознаеме.
Директорот за поштенски операции и член на Управниот одбор, Бојан Кереместески, истакна дека успесите не доаѓаат случајно и тие се резултат на посветеност и издржливост, порив да се направи невозможното, до врвот да се развиори македонското знаме. Додаде дека со печатењето на оваа поштенска марка ќе придонесат за јакнење на спортскиот дух и промовирање на македонскиот алпинизам.
Авторот на поштенската марка е Сара Манчевска. Издадена е во тираж од 6.000 примероци со номинална вредност од 36 денари.
Во јули минатата година Сашко Кедев стана првиот Македонец и единствен во поширокиот регион кој ги искачи сите 14 светски врва повисоки од 8.000 метри, откога успешно го освои Гашербрум I (8.080 метри) во Пакистан.
Со овој извонреден потфат, како и со претходното освојување на највисоките врвови на сите седум континенти, Кедев се вброи меѓу светската алпинистичка елита. За неговите исклучителни достигнувања во медицината и алпинизмот тој е и добитник на високото државно одликување Орден „8 Септември“.