ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА “ИСПОВЕД КОН МАЈКА МИ ЉУБА“ ОД ИВАН ТРПОСКИ 

Во организација на Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид, се одржа промоција на монографијата „Исповед кон мајка ми Љуба“, од Иван Трпоски од Сиднеј. Делото е издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, а е отпечатено во печатницaта „Ирис“ од Струга. Рецензент на оваа монографија е проф. д-р Виолета Ачкоска, а преводот на англиски јазик го направи Ристо Стефов од Торонто.

За ликот и животните постигнувања на Иван Трпоски зборуваше новинарот и публицист Милчо Јованоски, кој, меѓу другото рече дека Иван Трпоски е познат општественик  и творец во Сиднеј,  кој повеќе децении активно е вклучен во повеќе македонски организации каде несебично работи за доброто на Македонците во Нов Јужен Велс и пошироко. Иван е  роден во 1942 во селото Волино и од 1968 година живее во Сиднеј, Австралија. Трпоски, во последната своја книга на дланка ни го дава сиот свој приватен и професионален живот.  

Во своето излагање за најновото дело на Иван Трпоски „Исповед кон мајка ми Љуба“,  проф. д-р Виолета Ачкоска истакна дека монографијата е историја на обичниот македонски човек, закоренет на балканската крстосница, во библиска Македонија, која секогаш била на удар на освојувачите, а македонскиот народ подложен на ограбувања и насилства и принуден на миграции.   

Прераната смрт на мајката оставила длабока рана во душата на Иван, незалечена до денешен ден. Тој таа рана ја носи таму, преку океанот, во далечната Австралија и си дава оддушка на болката пишувајќи поезија за родниот крај, за неговата Македонија, во која грее саканото Волино и каде почиваат неговите четири најблиски и неговата непрежалена мајка. Со премногу тага, љубов и болка се нижат дваесеттина песни за мајката и печалбарот, за нејзините силни пораки, не само со збор, туку и со дела, дека животот е борба и дека никогаш не смее да се предаде, но пред сѐ, да верува во божјата помош. Така, во „Сонет стихови посветени на мајка ми Љуба“, Иван ги пренесува нејзините зборови.

 „Исповед кон мајка ми Љуба“  е книга на тажни спомени и радосни мигови на успеси во животот, успеси на еден човек кој бил принуден да ја напушти Македонија, но кој духовно секогаш останал врзан со папочната врвца за својата мајка и мајковина, за на крајот, во тегла да однесе грст земја од родната градина, на другиот континент, оставајќи аманет со таа земја да биде посипан неговиот ковчег кон вечното почивалиште, пишува рецензентот Ачкоска.

Останати вести