Пропустите на полицијата ги овозможиле сериските убиства во Кумановско

Кривичната истрага насочена кон Трајко Б. (25) од село Малотино открива шема на насилство врз повозрасни и немоќни жени во руралните средини на Општина Старо Нагоричане. Досега се потврдени две жртви: Мира С. (78) од село Челопек, пронајдена мртва на 12 февруари 2026 и Марија Маринковска (35) од Куманово, која починала во средината на јануари 2026.

Истражните органи проверуваат уште три сомнителни смртни случаи каде жртвите биле пронајдени полуголи во своите домови.

Заедничките карактеристики на делата вклучуваат: трпање и давење на жртвите во нивните домови; таргетирање на жени кои живееле сами во изолирани куќи во селата Челопек, Драгоманце и Малотино и индиции за сексуален напад, со оглед на состојбата во која биле пронајдени телата на Мира С. и Марија Маринковска.

„Ни рекоа дека умрела од многу алкохол, а сега испадна дека била убиена“

Случајот на Марија Маринковска ги разоткри системските слабости во истражните постапки на локалните власти. Според нејзините родители, телото на 35-годишната Марија било пронајдено покриено со јамболија, полуголо и со видливи модрици, но полицијата и медицинскиот тим кои дошле на самото место заклучиле дека се работи за смрт „од премногу испиен алкохол“. Со таков медицински наод наводно била закопана Марија.

Дури по апсењето на Трајко Б. за убиството во Челопек, Основното јавно обвинителство Куманово нареди ексхумација на 40 дена по погребот. Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, потврди дека обдукцијата докажала насилна смрт.

Семејството на жртвата, предводено од таткото Зоран Маринковски, тврди дека Марија претходно пријавувала оти Трајко ја следи и ја демне, за што била известена и полициската станица во Старо Нагоричане но не презела соодветни мерки за заштита. По пријавата полицајците отишле кај него, но тој не бил дома. И толку.

Марија го познавала Трајко бидејќи претходно работеле заедно како пастири. Ноќта кога е убиена, таа телефонски се пожалила на својот брат дека некој се обидува да влезе во куќата и рекла дека ќе се притаи. Најверојатно се покрила со јамболијата во надеж дека нема да биде најдена. Марија веќе 12 години живеела во куќата на нејзиниот вујко во Старо Нагоричане, обработувала земја, а повремено работеле и кај семејството на Трајко Б., кога помагала во чувањето на стадото. Таа завршила специјално средно земјоделско училиште во Штип, а потоа се преселила во селото. Семејството тврди дека не биле во врска со осомничениот, а во последно време и не пиела алкохол.

Сомнителното збогатување на осомничениот

Можеби економскиот мотив се појавува како клучен фактор во дејствувањето на осомничениот. Секако дека ненадејното збогатување било првиот показател за полицијата при откривањето на убиството на М.С. Имено, од нејзиниот домот во Челопек снемало помеѓу 15.000 и 17.000 евра. Иако Трајко Б. живеел во тешки материјални услови со својата мајка и очув, во нивниот двор неодамна се појавиле вредни предмети како трактор, мотор и култиватор. На социјалната мрежа Тик-ток осомничениот објавувал видеа со наредени „послана маса“ со банкноти од по 100 и 50 денари, што укажува на ненадеен прилив на пари.

Истрагата сега се фокусира на тоа дали овие средства се директен резултат на грабежите извршени за време на нападите врз жртвите во февруари 2026.

Дел од мештаните се сомневаат дека Трајко можел да смисли ваков план за стекнување корист и да ги одбира жртвите. Жителите шпекулираат за постоење на „учител“ или соучесник кој му помагал во таргетирањето на жртвите, со оглед на географската распространетост на селата и прецизноста во изборот на ранливи цели во Старо Нагоричане. Нивните размислувања водат кон очувот а тој, пак, одбива да разговара со медиумите и тврди дека нема ништо блиско со Трајко зашто „тој ми беше само аргат, си има мајка и татко“!? Не одговара на логичното прашање: нели се запрашал како во дворот од неговата куќа одеднаш почнале да се појавуваат скапи предмети, мотор, култиватор и од каде потекнувале тие предмети?

Надлежните сега се во фаза на оценување на психолошката функционалност на осомничениот сериски убиец. Додека е во притвор во затворот во кумановско К’шање, него го анализира експертски тим од Клиниката за психијатрија. Имено неговата мајката тврди дека тој од дете имал психички проблеми и тешкотии во говорот, додека пак мештаните од Драгоманце го опишуваат како лице кое знаело да користи јавен превоз и социјални мрежи. Кога ќе влезел во продавница покажувал што му треба.

Адвокатот на оштетените семејства, Александар Симоновски, инсистира на целосно расветлување на сите сомнителни случаи, вклучително и обидот за убиство на Росанка Трајковска. Додека Министерството за внатрешни работи спроведува внатрешна контрола за евентуални полициски пропусти, стравот во регионот останува висок. Жителите на Старо Нагоричане масовно инсталираат системи за видео-надзор, а полициските патроли се засилени.

Конечните резултати од ДНК-анализите ќе бидат клучни за утврдување на целосната одговорност на осомничениот.

Родителите на Марија сега дознаа дека ќерката им била убиена

Останати вести