Во повеќе македонски градови со живописни маскирани карневали беше одбележан празникот Прочка – православен обичај што ги најавува велигденскиот пост и времето на меѓусебно простување.
Традиционалните карневалски веселби се особено нагласени во Струмица и во Прилеп.
Струмичкиот карневал „на армасаните“ важи за една од највпечатливите манифестации од ваков тип во земјата, забележана и во записите на турскиот патописец Евлија Челеби од 17 век. Тој е интернационален карневал и годинава таму продефилираа повеќе од 1.000 учесници, 30 маски од Македонија и 11 од странство. Од 1994 година Струмица е член на меѓународната асоцијација на карневалските градови FECC.
Во Прилеп имаше парада на рачно изработените традиционални и современи маски. Оваа година карневалот го доживеа своето 25. јубилејно издание, а самата маска „Прилепски мечкари“ одбележа 100 години традиција, што придонесува Прилеп да биде позициониран како еден од значајните карневалски центри во Европа.
И во Крива Паланка годинава се одржа „Сусурига“, со богата програма на обредни групи, традиционални костими, ѕвонци и огнови што ја доловуваат магијата на древните обичаи за прочистување и благосостојба.

