На последните претседателски избори во 2019 имаше тројца кандидати од кои двајца – претседателот Пендаровски и пратеничката Силјановска Давкова – повторно ќе се кандидираат на овие избори.
Се чини дека професорката Гордана Силјановска Давкова овојпат е убедлив фаворит.
Избрана со дури 444 гласови од присутни 454 делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова порача:
– Многупати сум рекла дека нам ни треба една пристојна, нормална, па дури и досадна држава, не егзотика, доста бевме егзотични билки за светот и за Европската унија. Ние во ЕУ треба да одиме со компатибилен политички систем, а него го нема без владаеење на правото. Немојте да концетрираме моќ кај луѓе кои мислат дека се политички богови, секогаш треба да знаеме дека има нешто над нас. Само така ќе можеме да чекориме како што треба.
Ние треба да градиме современа, модерна, по европски стандарди структуирана држава, во која граѓаните ќе бидат суверенот. Да ги почитуваме и правата на заедниците, да ги почитуваме различности, но да не забораваме дека Европска унија е единство на различности. Балканот не смее да остане приферија на периферијата. Затоа треба сите ние да се обединиме, во сите полиња, така ќе бидеме посилни, така и ќе си го заслужиме местото. Мислам дека патот е трасиран, а вистинските лидери можат да бидат луѓе кои се себе реализирани, но вистински луѓе можат да бидат и луѓе кои не негуваат само презир…
Таа порача дека многу работа „стои пред нас“ и ги повика сите оние што ќе бидат носители на некоја функција да стават крај на овие, како што ги оцени, страшни поделби по која било основа – најмногу партиска и политичка.
– Да не се однесуваат кон опозицијата како тие што се однесуваа кон неа, затоа што без опозиција нема демократија. Да градат консензус за најважните прашања и интереси. Да излегуваат кон надвор услогласени, зошто само лидери и државници тоа го прават, кажа професорката Силјановска.
Пендаровски: Ако бев избран во парламентот во 2019, ќе бев сменет истото попладне кога ѝ се спротивставив на власта за „Рекет“
Актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски на прес-конференција во петокот ја најави својата граѓанска кандидатура за претседател и ги повика сите граѓани да го поддржат и да се потпишат за него во подрачните единици на ДИК. Два дена подоцна партијата СДСМ потврди дека 30 нејзини пратеници ќе застанат зад неговата кандидатура.
Наведувајќи ги причините поради кои одлучил да се кандидира за втор претседателски мандат, меѓу другото, Пендаровски рече дека зад себе има мандат без ниедна стратегиска грешка, корупциска афера и без ниеден случај на непотизам и судир на интереси поврзан со него и неговото семејство.
Тој одговори дека ги очекува гласовите од сите етнички заедници како и во 2014 година кога, како што рече, имал 35 илјади албански гласа.
За избор на претседател во Собранието, Пендаровски рече дека има свој став многу одамна, засилен со практичното искуство од последните пет години.
– Далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти и во однос на економските центри на моќ, кои имаат свои интереси, кога сте избирани на општи избори отколку кога сте избирани во парламент. Ако смеам да шпекулирам, во 2019 година, аферата „Рекет“, бев во директна колизија со ставовите на тогаш владејачката партија. Јас ви тврдам дека ако бев избран во парламентот, дури и со квалификувано мнозинство, ќе бев сменет истото попладне. Ве избира народот, многу потешко е да ја реализирате својата намера. На Македонија ѝ е потребна независна институција, која може да биде баланс не само според надлежностите, туку и според она што јавно го изјавува. Мора да постои морална вертикална, кој дури и на оние што го предложиле и го гласале ќе им каже – до тука, рече Пендаровски.