Близу 700 објекти низ цела Македонија се загадувачи, а во Скопје 100 објекти, болници, градинки, училишта, касарни, судови и други установи кои користат нафта и мазут – покажува мапата на загадувачи што ја направи „Шанса за Центар“
– Нема град кој во своето урбано јадро нема еден куп јавни објекти кои го загадуваат воздухот. Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар… речиси никој не е поштеден. За загревање на овие објекти и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут. Тие и ќе ги дишеме! За нивното загревање за една сезона граѓаните преку Буџетот на државата и на општините ќе платат над 20 милиони евра, наведуваат од „Шанса за центар“.
Во 2023 не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Тие ќе продолжат да загадуваат и оваа зима и повторно ќе бидеме меѓу трите најзагадени земји во Европа, се посочува во соопштението од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. Апелираат да се изврши притисок врз пратениците во Собранието и советниците да се заложат за мерки во буџетите за 2024 во нивните изборни единици за да се даде шанса на сите општини да станат почисти.