РОЗОВ ОКТОМВРИ – ЗАЕДНО ВО БОРБАТА ПРОТИВ РАКОТ НА ГРАДИТЕ

Првиот хуманитарен појадок во организација на МКУД „Јане Сандански“ собра 6.400 долари за поддршка на истражувањата за ракот на градите

Во рамките на кампањата „Розов октомври“ (Pink October), посветена на подигнување на свеста за ракот на дојка, дамите од МКУД „Јане Сандански“ за првпат организираа хуманитарен појадок по повод месецот за борба против оваа болест.

Настанот се одржа во ресторанот Aintree Food & Wine Co., каде што членовите на друштвото, нивните семејства и пријатели се собраа со една заедничка цел – да дадат свој придонес во поддршката на истражувањата за ракот на дојка и борбата против оваа болест.

Во пријатна атмосфера, исполнета со вкусен појадок, дружење, смеа, радост, но и по некоја солза на солидарност и сочувство, присутните испратија силна порака дека заедништвото и хуманоста можат да направат вистинска разлика.

Иако стануваше збор за мало и интимно собирање, досега се собрани 6.400 австралиски долари, резултат што ја покажува големината на срцата и подготвеноста на заедницата да помогне во поддршката на една исклучително важна кауза.

Од МКУД „Јане Сандански“ упатија искрена благодарност до сите што присуствуваа, до оние што донираа и до сите кои на кој било начин ја поддржаа оваа иницијатива.

Оваа активност е дел од пошироката порака на Националната фондација за рак на дојка (National Breast Cancer Foundation – NBCF), со заедничка поддршка за истражувањата и подигнување на свеста, сите можеме да придонесеме кон иднина во која ќе се спречат смртните случаи од рак на дојка.

Останати вести