Руската православна црква ја призна МПЦ-ОА како автокефална сестринска црква

Сега се чека уште само на вселенскиот патријарх Вартоломеј кому никако не му се допаѓа тоа што СПЦ и РПЦ зборуваат за “Македонска православна црква“. Затоа е неизвесно кога ќе го официјализира Томосот на автокефалната МПЦ-Охридска архиепископија

Руската православна црква ја призна Македонската православна црква–Охридска архиепископија како автокефална сестринска црква.

Во објавата на Синодот на РПЦ стои:

„На 25 август 2022 година, на седницата на Светиот синод на Руската православна црква, беше слушната пораката на Неговата Светост Патријархот московски и на цела Русија Кирил за доделувањето од страна на Српската православна црква на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Синодот одлучи да му се заблагодари на Господ Бог за решавањето на прашањето за статусот на Православната црква во Северна Македонија на канонска основа и да ја признае Македонската православна црква – Охридска архиепископија како автокефална сестринска црква, впишувајќи го името на нејзиниот поглавар, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и македонски Стефан, во светите диптиси.

Членовите на Синодот изразија надеж дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија, најмладата во семејството на автокефалните православни цркви, цврсто ќе ја зачува светата православна вера во чистота и интегритет и ќе ја запази верноста кон православната канонска традиција.

Учесниците на состанокот, исто така, одлучија да ги известат Неговата Светост Патријарх на Србија Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан за оваа одлука на Светиот Синод“, објави на својата веб-страница Руската православна црква.

СПЦ годинава на 16 мај ја прифати во канонско единство МПЦ како автономна, со ветување дека во најскоро време ќе додели и автокефалност. Тоа се случи на 24 мај, на заедничпкото сослужување на патријархот Порфириј и архиепископот Стефан во Скопје.

Останати вести