Cо свечен настан официјално започна со работа новоформираната Македонска пензионерска група „Морнингтон Пенинсула Беј“. Прославата се одржа во кантри клубот „Роузбад“, каде присуствуваа околу 230 гости од Мелбурн и Џилонг.
Формирањето на оваа група доаѓа како природен одговор на потребите на заедницата, бидејќи со текот на времето, како што старее македонската заедница во Австралија, сè поголем број пензионери се одлучуваат својот пензионерски живот да го поминат во помирна средина, покрај морето, токму на просторот на полуостровот Морнингтон.

За претседател на друштвото е избрана Славица Ангеловска, додека како главен иницијатор и секретар на групата се истакна Пецо Шеровски, заедно со неговата сопруга Мира. Функцијата благајник ја извршува Љубен Боцески.

Управниот одбор изрази посебна благодарност до господинот Миле Терзиоски, кој беше водител на програмата, како и до претставниците на другите македонски пензионерски организации за нивната поддршка и охрабрување при основањето на новото друштво на територијата на Морнингтон Пенинсула.
Настанот помина во пријатна и топла атмосфера, а упатени се искрени честитки до организациониот комитет за успешно организираното попладне и за значајниот чекор во зацврстувањето на македонската заедница во овој регион.
