Симовски: Успешниот почеток ветува успешен попис

Првиот ден попишани речиси 95,000 лица. Од големиот интерес и бугарската апликацијата “се заглави“

На првиот ден од пописот, во неделата, вкупно биле попишани 94.975 лица, 28.594 домаќинства и 37.544 станови. Втoриот ден од пописот имавме проблем со апликацијата која заглави поради големиот број на истовремени апликации. Сега го надградивме и го рестартирамве системот така што не очекувам дека ќе имаме други “багови“ за попишувањето, изјави директорот на ДЗС Апостол Симовски.

– Пронајдено е решението на проблемот и слични такви падови во иднина нема да имаме. Направивме и обновување на сето она што беше сработено. Треба да знаете дека вакви проблеми се можни секогаш кога работите со технологија – рече тој.

Кажа дека првите два дена се попишале околу 150.000 граѓани.

– Не се забележани инциденти за време на спроведувањето на операцијата, а минимален е бројот на оние кои не поримиле попишувачи. Помалку се од десетина. За таквите случаи обврска на државните инструктори е да излезат на терен и да поразговараат со луѓето кои не сакаат да се попишат – рече директорот на ДЗС.

Тој ги отфрли како неточни информациите дека по отстранување на техничкиот проблем во понеделникот, во системот се појавиле дуплирани податоци, кои попишувачите морале да ги бришат, истакнувајќи дека такво нешто не е можно, бидејќи попишувачите не можат да го знаат тоа затоа што не се во базата. 

Процесот е организиран преку 50 регионални комисии, т. е. регионални центри. Во секое домаќинство ќе влегува по 1 попишувач, нема да се најавуват по телефон, туку директно на врата. Носат црна брендирана маичка и легитимација.

Директорот на Заводот апелираше до граѓаните да проверат дали попишувачот носи легитимација, и ако ја немаат, да не го пуштат дома. Свесни сме, вели тој, дека има антикампања и провокатори кои ќе се обидат да го злоупотребат процесот.

– Бидејќи попишувачот не е сезнајко и не може да ги знае сите јазици, домаќинот има право да побара попишувач кој го зборува неговиот јазик и ќе му биде обезбеден. Ако не најде никој дома, ќе дојде пак. За друго лице информации може да даваат само родители и старатели на деца до 18 години. Попишувачот ќе дојде онолку пати колку што треба во домот со цел да се соберат потребните информации, кажа Симовски.

Попишувачите, вели тој, во најголем дел се вакцинирани, но секој што инсистира да биде попишан од вакцинициран попишувач, ќе му биде обезбеден. Симовски оцени дека здравствената состојба на попишувачите сега е добра и се надева дека така и ќе остане. А за тоа дали имаат список на лица што се во изолација, рече дека имиња немаат и не можат ни да имаат, бидејќи се тоа лични податоци, но попишувачите ќе добијат адреси на лица што во тој момент се во изолација и со нив ќе се договорат кога ќе може да се спроведе пописот, според протоколите за такви ситуации.

На првиот ден од пописот, во неделата, вкупно биле попишани 94.975 лица, 28.594 домаќинства и 37.544 станови, информираа од Државниот завод за статистика. Можноста за самопопишување на лица во странство досега ја искористиле – 191.550 лица. Пописот на населението, домаќинствата и становите во  Македонија, кој официјално започна на 5 и ќе трае до 30 септември.

Според податоците од последниот Попис во 2002 година, Македонија има 2.022.547 жители, што е за 3.9% повеќе во однос на Пописот од 1994 и 43.0% повеќе во однос на Пописот од 1948.

Апасиев повика на бојкот на пописот – доколку граѓаните се соочат со казни, можат да се обратат кај Левица за стручна правна помош

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, повика на бојкот на пописот. Според него, само пописот за, како што вели, “отписот на Македонците“ можеме да го срушиме само со масовно неучество.

– Дојде времето за пасивен отпор на Македонците против домашниот окупатор кој, за да остане на власт, се договорил да ја разнебити нашата Република преку вештачки етно-демографски инженеринг на населението. Ако ова го дозволиме, како народ, за неколку децении ќе бидеме дел од една Голема држава. Народот почнува да се самоорганизира, кога неговите „лидери“ (Заев & Мицкоски) го ПРЕДАДОА на туѓиот шовинизам. И не се жалете – од нас зависи, напиша Апасиев на Фејсбук.

Вели дека доколку граѓаните се соочат со казни, можат да се обратат кај левица за стручна правна помош.

– Само масовна несоработка може да го урне овој фалсификат! Ако, пак, дозволиме да успее – албанските партии веќе никогаш нема да прифатат иден попис и ќе започне трауматичен период на сецесионизам и распаѓање на државата. После, немојте да се жалите, вели тој.

Останати вести