Неколку илјади американски војници ненадејно се испратени во Авганистан заради итно евакуирање на персоналот на амбасадата во Кабул пред инвазија на талибанските сили. За многумина, ова оживеа болни спомени за падот на Сајгон.
Фотографијата што го овековечи американскиот пораз во Виетнам и прикажува итно качување на Американците во хеликоптер на покрив на зграда брзо се прошири на социјалните мрежи, откако американските власти објавија итно испраќање војници во Авганистан.
„Најновите вести за евакуација и ненадејно испраќање војници изгледаат како подготовки за пад на Кабул“, рече водечкиот републикански сенатор Мич Меконел.
„Одлуките на претседателот Бајден не туркаат кон уште полошо продолжение на понижувачкиот пад на Сајгон во 1975 година“, рече тој.
Самиот Бајден се осврна на споредбите со Сајгон во јуни, кога талибанските акции тукушто земаа замав, и одлучно ги отфрли во тоа време.
Нема шанси „да видите ситуации поради кои луѓето со хеликоптер би се земале од покривите на Авганистан“, рече тој.
Истиот месец, тоа беше отфрлено и од страна на началникот на американскиот здружен стожер генерал Марк Мили. „Не можам да ја предвидам иднината, можеби грешам, но не гледам дека Сајгон 1975 година ќе се повтори во Авганистан. Талибанците не се северно-виетнамска војска. Не е тоа таква ситуација“.
За евакуација на американскиот дипломатски персонал од Кабул, 3.000 американски војници ќе го обезбедуваат аеродромот, илјада ќе бидат во Катар за техничка и логистичка поддршка, а други 4.000 ќе бидат во резерва во Кувајт за евентуално засилување.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби одби да ја нарече мисијата Не борбена операција за евакуација (НОЕ).
Тој рече дека операцијата нема име и избегна да зборува за евакуации.
Најпознатата НОЕ мисија е наречена Операција Чест ветер, за време на која 7.000 цивили биле евакуирани со хеликоптери од Сајгон во два дена, 29 и 30 април 1975 година.
На прашањето за паралелите со падот на Сајгон, Кирби одговори истакнувајќи ги разликите.
„Нема да го повлечеме целиот дипломатски персонал од земјата. Не го напуштаме Авганистан, не креваме раце. Ние само ја правиме вистинската работа во вистинско време за да ги заштитиме своите луѓе“.
Талибанците во петокот го зазедоа Кандахар, вториот по големина авганистански град, и сега само Кабул со неколку мали места од останатата територија се надвор од нивна контрола.