Сиљановска Давкова за Илинден: Време е за републиканска пролет!

Повици за единство, за борба против корупцијата и економски напредок испрати македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова од централната прослава за Денот на Републиката – Илинден од Мечкин Камен, каде што се чествуваа 122 години од денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и 81 година од првото заседание на АСНОМ.

– Време е за нова пролет на нашата Република, враќање кон републиканските корени. Македонските граѓани очекуваат правда и слобода и дојдено е време за искоренување на плевелот на корупцијата и криминалот во земјата. Длабинскиот поглед кон државата разоткрива во изминативе години и децении ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија како закана за парламентарната демократија, партизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина и ги нарушија меѓучовеките и меѓу етничките односи, продуцираа катастрофи и стимулираа неединство за прашањата од национален интерес за кои единството мора да биде императив, изјави Сиљановска Давкова.

Дел од своето обраќање таа посвети на критика кон Европската унија, истакнувајќи дека во изминатиов период дозволиле билатеризација на процесот за проширување како и дека честопати ги менувале правилата според кои една земја кандидат треба да се исполнува услови за членство во неа. Ја обвини ЕУ дека има двојни аршини во пристапниот процес.

– Легитимно е прашањето дали и колку денешната Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи. Чинам дека сеништата на старата одмината Европа како да не се далечно минато или како да осамануваат неочекувано. Се покажа дека ЕУ не е имуна на кризата на лидерството и демократскиот дефицит, рече Сиљановска Давкова.

– Илинден нè учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува. Илинден нè обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа, порача на крајот претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Останати вести