Високите сметки за струја можат да им ставаат клуч на врата на големите комбинати. Загрозени се скоро сите комбинати кои набавуваат струја на слободниот пазар. За да не дојде до тоа, тие очекуваат да бидат дел од пакетот помош од Владата. Синдикатите предупредуваат дека ударот врз големата индустрија може да има катастрофални последици за економијата. Од Владата, пак, велат дека во моментов преговараат со неколку земји за увоз на струја за помош на стопанството.
Компанијата „Еуроникел Индустри“, која управува со фабриката за преработка на никел во Кавадарци (ФЕНИ), веќе ја угаси печката и голем дел од вработените се пратени на принуден одмор.
Вработените во „Еуроникел Индустри“ официјално пред еден месец биле испратени на принуден одмор до 15 декември и дотогаш ќе добиваат 70 отсто од платата, според Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).
Кавадаречки „Еуроникел индустри“ e еден од најголемите индустриски капацитети во државата a oд таму соопштија дека, доколку Владата успее во заложбите да обезбеди поволна цена за електричната енергија или дојде до промена на цените на струјата на светските берзи, тогаш во најкус рок ќе го обноват производството.
Поради високата цена на струјата, од почетокот на месецов и рудникот за бакар „Боров Дол“, поранешен Бучим од Радовиш, е во застој каде исто така работниците се пратени на принуден одмор со 70 отсто од платите.
Работата во компанијата “Mакстил“ (Железарница Скопје) засега не е запрена, но за месец август платила огромна сметка за струја.
Во слична ситуација се наоѓа компанијата „Либерти Скопје“ која произведува челични производи во скопска железарница, вели за “Радио Слободна Европа“ претседателот на СИЕР, Игор Ѓерасов. Рудникот САСА е во подобра состојба, вели тој, бидејќи навреме обезбедил струја до 2023 година по стара цена и може да работи непрекинато.
– Сите (други) комбинати каде што сме синдикално застапени се загрозени, меѓутоа до овој момент не најавуваат затворања на погони или отпуштања на работници и засега можат да го издржат ова темпо на зголемување на струјата, но не знаеме до кога ќе биде така, вели Ѓерасов.
Тој предупредува дека од големата индустрија доаѓаат најмногу пари за државата и, доколку запре со работа, тоа ќе биде погубно за македонската економија.
Но, каков вид на помош треба да добијат големите компании во услови на тешка енергетска криза засега се уште е неизвесно. Дел економски експерти велат дека ќе биде тешко да се најде вистинското решение.
Универзитетскиот професор Трајко Славески, кој е преседател на Советот на град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ вели дека во ситуација кога од сите страни доаѓаат повици до Владата за поддршка на претпријатијата и на граѓаните, треба да се одбере најмалото зло.
– Состојбата е прилично сложена и треба, како одејќи по жица, да се бара најмалото зло во ваква ситуација, вели Славески во интервју за “Радио Слободна Европа“.
Во моментов во големите компании кои се загрозени вработени се од 2.500 до 3.000 луѓе: во „Еуроникел Индустри“ (ФЕНИ), во “Боров Дол“ (Бучим) околу 700, “Макстил“ околу 550 и Ладна валавница („Либерти Скопје“) околу 450 вработени.