Главниот град влегува во најкритичната фаза на водоснабдување во последните децении. Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје предупредуваат дека рекордната, „енормно зголемена и неконтролирана“ потрошувачка веќе го турка системот до работ на колапс: притисокот опаѓа, а во неколку крака веќе се регистрирани краткотрајни прекини. Доколку побарувачката не се намали, претпријатието најавува двоен режим – низок притисок во текот на денот и планирани исклучувања навечер – уште од почетокот на август.
Веќе постои план доколку дојде кризна ситуација претпријатието ќе почне пробно „ноќно гасење“: од 23 до 5 часот со тоа што водата ќе биде исклучена во одбрани зони за да се наполнат резервоарите. Ако тоа не донесе најмалку 20 % намалување на потрошувачката, ќе следуваат подолги, ротациски рестрикции – прво во Аеродром, потоа во Карпош и Кисела Вода.
Аеродром е општина во која последните години се насели толку многу народ што арчи вода побрзо отколку што може да се достави по цевководите. Во Карпош, пак, најранливи се високите делови на Тафталиџе и булеварот „Партизански одреди“, кои зависат од резервоари што се празнат побргу одошто пумпите успеваат да ги наполнат. Секое пладне резервоарот во Влае паѓа под 40 % од капацитетот, а пумпните станици работат во „црвена зона“. Во случај на рестрикции, жителите може да останат целосно без вода во попладневните пикови и да добиваат цистерни на клучните раскрсници.
Јужниот дел од градот го снабдува артерија од челични цевки стара речиси половина век.
Ако пак режимот со ноќни рестрикции не помогне, сценариото на „Водовод“ предвидува дводневни прекини на вода за по над 30.000 жители.
Секое домаќинство се советува да складира најмалку 15 литри вода по член, да ги затвори капењата славини, да се откаже од полнење базени и од полевање бавчи, а дивите приклучоци веднаш да се пријавуваат.
Зошто уште се чека за нови извори?
Градот Скопје се снабдува со вода главно од изворите во село Рашче, но има и помошни бунари кај Долно Нерези и Лепенец. Водата од Рашче кога ќе дојде до Скопје се двои во две големи водоводни цевки: едната по „Партизански одреди“ до Центар и понатаму кон Аеродром, а другата кон левата страна на Вардар – конкретно кон поранешната „Железарница“ (од овој крак се снабдуваат сите населби од таа страна на реката). Според „Водовод“ – Скопје, секој жител на главниот град сега троши по 700 литри вода дневно! Оваа математика се добива кога ќе се подели бројот на население од вкупното количество вода што од Рашче тргнува кон Скопје. Но ова е крајно сомнително бидејќи „Водовод“ нема добра евиденција за водата воопшто – се фактурира само 37% од водата а за дури 63% не се знае каде се губи!?!?
Чудно звучи и апелот од „Водовод“ да не се ваделе бавчи и да не се полнеле базени, а на секој жител „му закачува“ по 700 литри дневна потрошувачка. Град Скопје според последниот попис од 2021 има нешто повеќе од 526.000 жители во 171.171 домаќинства. Во најурбаните населби (Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Чаир) односно во згради живеат 303.175 а во останатите 5 други општини (Ѓорче Петров, Гази Баба, Бутел, Шуто Оризари и Сарај) 223.000 жители. Ама кога ќе се собере бројот на жители во згради од сите општини испаѓа дека над 75% од населението нема ниту теоретска можност за бавча или базен и невозможно е да троши по 700 литри дневно. А токму тие ќе бидат најпогодени со рестрикциите.
Експертите единствено се едногласни дека долгорочно решение треба да се бара само во нов извор – Врело или бунарите кај Патишка Река – но за тоа се потребни најмалку три години.
Дотогаш Скопје останува заложник на сопствената жед.
Двете каптажи Рашче 1 и Рашче 2 го снабдуваат со вода Скопје, а планинскиот масив Жеден е заслужен за тоа затоа што ја „стопира“ водата што надоаѓа од полошкиот крај и од Шара и ја складира како природен резервоар и истовремено ја прочистува.
Околу 70% од капацитетот на изворот е од Шар Планина, 20% е од Жеден, додека 10% доаѓа од реката Вардар.
Извонредна карактеристика на изворот е тоа што има „инверзен“ карактер, па капацитетот е најголем во лето кога потребата за вода исто така е зголемена. Изворот е „повисок“ 45 метри од Скопје и тоа овозможува водата сама да стигне гравитациски до градот под поволен притисок.
