Со едвај 65 гласа избрани новите министри

Собранието по 10-дневно заседавање за реконструкција на Владата конечно ги избра четворицата нови министри, по што веднаш премиерот Димитар Ковачевски даде експозе за замениците-министри.

Во истата секунда, за збор се пријавија 44 пратеници (целата опозиција), исто како за реконструкцијата на министрите.

Со 65 гласа „за“, ниеден „против“, ни „воздржан“, за нови министри беа избрани: Кренар Лога за правда, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министерка за животна средина и просторно планирање. За новиот министер за здравство Фатмир Меџити гласаа 64 пратеници.

Лога е член е на Државната изборна комисија и зад себе има повеќе функции на државно и локално ниво; Меџити по професија е специјалист-невролог; Алиу е доктор по информатички науки и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово а Шукова доаѓа од позицијата државен секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање

Присутни беа и пратениците од опозицијата, во салата имаше 114 луѓе.

По изборот на четворицата министри, во рамки на 104 седница треба да поминат и разрешувањата на замениците министри во ресорите: одбрана, земјоделство и образование, како и изборот на нивните наследници. Разрешени треба да бидат заменик–министрите за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу, а наместо нив, на овие функции, според владиниот предлог, треба да бидат назначени Тирон Јајага за одбрана, Вјолца Бериша за земјоделство и Агим Нухиу за образование и наука. Именувани треба да бидат и Викторија Аврамовска-Матиќ за заменик-министер за правда, како и Маја Манолева за заменик-министер за здравство.

Останати вести