Неизвесна е иднината на Кристијано Роналдо во Манчестер јунајтед по доаѓањето на Ерик Тен Хаг.
Дел од медиумите пишуваат дека Португалецот сака да го напушти „Олд Трафорд“. До овој момент најмногу се поврзуваше со Рома каде што Роналдо повторно би соработувал со Жозе Мурињо.
Меѓутоа сега Пол Мерсон, кој во кариерата забележа повеќе од 300 настапи за Арсенал, го советуваше да оди во ПСЖ.
-Револуцијата на Ерик Тен Хаг не може да започне додека Роналдо не го напушти Манчестер јунајтед. Нему не му преостануваат многу години за важни трофеи, а во Јунајтед тешко дека ќе освојува титули во наредните година-два.
Замислете го со Меси во ПСЖ… Поминаа многу години како големи ривали, би било забавно да ги видиме како соиграчи на крајот на кариерата. Се најавува дека Нејмар ќе си замине од ПСЖ, па би можеле да видиме трио Меси – Роналдо – Мбапе. Тоа веројатно е најдоброто место за него, цела планета би го гледала на ТВ затоа што сите сакаат да видат такво нешто, изјави Мерсон за „Мирор“.