Сопругата на Џулијан Асанж: „Неговото ослободување никогаш не било поблиску“

Сопругата на австралискиот новинар Џулијан Асанж, Стела Асанж, изјави дека ослободувањето на нејзиниот сопруг „никогаш не било поблиску“ и дека австралиската влада игра важна улога во неговото пуштање на слобода.

Таа ја даде оваа изјава неколку недели откако прајминистерот Ентони Албанезе истакна дека држењето на Асанж во затвор „не служи за никаква цел“.

ТВ SBS наведува дека коментарите доаѓаат откако новиот висок комесар на Австралија во Обединетото Кралство, Стивен Смит, го посети Асанж во април во лондонскиот затвор со максимална безбедност Белмарш.

– Австралија игра важна улога и може да обезбеди ослободување на Џулијан. Животот на Џулијан е во рацете на австралиската влада. Не е мое да ѝ кажам на владата како да го направи тоа, но тоа мора да се направи. Џулијан мора да биде ослободен, изјави Стела Асанж, која исто така е член на адвокатскиот тим на Џулијан.

Таа додаде дека се надева прајминистерот Албанезе да го оствари тоа.

Австралиската влада изрази поддршка за Асанж да се врати во Австралија, но нагласи дека Канбера не е во позиција да интервенира во правните постапки на друга земја.

Асанж и неговите соработници објавија стотици илјади доверливи американски документи преку веб-страницата “Викиликс“, вклучително и видео со наслов „Колатерално убивање“, кое го прикажува американскиот воздушен напад во 2007 година во кој беа убиени новинари и цивили.

Американското министерство за правда го обвинува за „една од најголемите закани за доверливите информации“ во историјата на земјата, а 18-те обвиненија со кои се соочува таму носат максимална казна од 175 години затвор.

Останати вести