Затоа беше минатонеделното парадирање и поплакување на шепа непрокопсани од Македонија кај Радев и Борисов
Откако виде дека никој во светот не може да и ги разбере причините за блокирање на Македонија, па се најде и во невидена меѓународна изолација и притисок, официјална Софија реши да посегне по врабецот наместо по гулабот.
Молкнаа небулозните условувања со кои минатите две-три години ни ги полнеа ушите и ни ги тенчеа нервите: те не сме имале посебна историја пред 1944 година односно целата дотогашна историја е дел од бугарската (сосе Гоце и Даме), те не сме имале посебен јазик зашто тој бил “деконструиран бугарски“ односно “пишана регионална форма на бугарскиот“, те сме вршеле непријатеска пропаганда, те не сме знаеле да се однесуваме демократски и европски… Софија решила (под големиот притисок на САД) засега да ја батали историјата и да се концентрира на обезбедување на човековите права за “своите граѓани“ (оние со пасоши) и оние кои се чувствуваат Бугари (без пасоши) а живеат во Македонија.
Затоа беше минатонеделното парадирање на Бугари од МКД кај Радев и Борисов. Сега се чекаат пописните резултати и интензивирање на барањето да се внеселе Бугарите во Уставот на Македонија.
Софија ќе се обиде да најде што е можно повеќе Бугари зашто нема да може да објасни како тоа тврди дека има 120 илјади дадени пасоши (или свои поданици) а нема ни 5 или 10% од таа бројка декларирани Бугари.
Но нашите што зеле бугарски пасоши во Македонија сепак се првенствено македонски државјани. Бугарија нема право да се наметнува и да се меша во внатрешните работи на МКД. И тука ќе биде трговијата.
Па ќе следат жалопојки и измислени проблеми на поединци – сиротиња македонска.
Инаку, во Македонија се кажуваат за Бугари само оние кои тоа традиционално го држат или не успеале поинаку да се обезбедат и да му ја лиднат по белиот свет, па наивно очекуваат дека лебот ќе им стигне од Софија. Отворено бараат внесување во Уставот за преку квоти да добиеле државна служба во државните институции, во МВР, АРМ…
Следно ќе побараат да учат на бугарски и тука ќе ја зафркнат Софија зашто таа тврди дека јазикот е с’шти!?
Од Македонија ги бараат и Бугарите доселени од јужна Србија!?
Официјални лица од Софија знаат дека во Македонија во 2002 имало нешто под 1.500 декларирани Бугари. Ним не им јасно каде се другите, со оглед на тоа што очекуваат дека сите сме “неосознаени“ Бугари.
Заклучуваат дека мора да постоела репресија и никако не им е јасно зошто во последните 30-ина години, откако Македоија е самостојна, не “излегуваат“ повеќе Бугари.
Дури го поставуваат и следното прашање: помеѓу 1945 и 1990 од југоисточна Србија, од реонот на Босилеград и Димитровград (тие тој простор го нарекуват “Западните предели“) се иселиле над 20 илјади етнички Бугари и тоа најмногу во Македонија. Па каде се тие или нивните потомци, прашуваат од Софија и заклучуваат дека биле присилени да се “претопат“ во Македонци.
Интересно е што Бугарија не ги бара тие свои “изгубени души“ од Србија. Имено во Србија според пописот од 1953 имало нешто над 60.000 декларирани етнички Бугари, додека во 2011 нивниот број паднал на 15.500 (од нив само 13.000 зборувале бугарски).