Конечно се стави под контрола и за победи големиот шумски пожар во Националниот парк „Јасен“, кој траеше речиси две седмици. Во два наврата дождот помогна за да не се шири со голема брзина, а инаку се гаснеше претежно од воздух. Голема работа свршија и припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ заедно со припадниците на Батаљонот за специјални сили на АРМ „Волци“ кои направија бришан простор (пресека) долг неколку километри и широк дваесетина и повеќе метри за да не се пренесе пожарот преку срт.
Инаку во овој период има просечно по 15-ина пожари на отворено секој ден. Сите се изгаснати освен оној во „Јасен“. Во скопскиот регион беа зафатени повеќе локации: во Сопиште, кај браната „Козјак“, изгоре ниска вегетација и делови од шума, додека во Студеничани пожарот се прошири на планинскиот врв Китка, зафаќајќи мешана шума во близина на селата Горно Количани и Драчевица.
Во југозападниот регион екипите интервенирле во Кичево, кај селото Душегубица, каде што горела ниска вегетација, а во Охрид во селото Велгошти пожарот зафатил поголема површина од ниска вегетација. Во Кавадарци, кај селото Брушани, гореле тревни површини, додека во Демир Хисар огнот избувнал на депонија во селото Кутретино.
Пожари имало и во Битола, каде што биле зафатени две локации – во месноста Тепсија и во селото Велушта, додека во Новаци, помеѓу Суводол и селото Балдовци, изгорела ниска вегетација. Прилеп и околината исто така беа погодени: во селото Беловодица, на местото викано Ливада, и во селото Лењиште бил зафатен шумски појас со букви, а во друг пожар, во близина на дата-центар во Прилеп, изгореле тревни површини.
Во општина Долнени, кај селата Стровија и Долгаец, бил зафатен простор со мешана шума, додека во Брвеница, во селото Милетино, горела ниска вегетација. Пожар избувнал и во Гостивар, во близина на градската болница, но бил брзо ставен под контрола. Во Врапчиште, кај селото Тумчевиште, и во Чешиново-Облешево, кај објектот „Мак Млин“ каде што гореле ѓубриште и гуми, екипите интервенирале за да спречат ширење.
Истовремено, во струмичкиот регион пожар избувнал кај селата Турново и Иловица, зафаќајќи депонија, но истиот бил изгаснат навреме.
Иако пожарите биле успешно изгаснати или ставени под контрола, надлежните апелираат за внимателност и совесност, бидејќи високите температури и сувата вегетација создаваат услови за нови огнени стихии.