Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи го прими неговиот грчки колега Никос Дендијас во Скопје на средба на која се разговарало за имплементацијата на Преспанскиот договор.
На средбата Османи прашал до каде е имплементацијата на новото име на Македонија на сообраќајните знаци во Грција, според Преспанскиот договор, но му било кажано дека засега локалните власти таму не се расположени за тоа.
– Објаснувањето реално е дека локалните власти се тие што не покажуваат ентузијазам, меѓутоа и по однос на тоа прашање разговаравме пошироко и мислам дека во наредниот период ќе има решение, рече Османи на прес-конференцијата.
Тој додаде дека останува силната верба во Преспанскиот договор и во стратешкото партнерство што произлегува од истиот. Османи подвлече дека по оваа средба односите со Грција ќе бидат уште посилни. Никос Дендиас искажа задоволство од односот на официјално Скопје кон Договорот од Преспа и ја повтори поддршката која Грција и ја дава на Северна Македонија во однос на нејзиниот пат кон Европската унија.
– Би сакал да го изразам моето задоволство од чекорите кои неодамна беа преземени, како што е отстранувањето на таблата на зградата во која се наоѓаме, која беше поставена во други времиња и наречена „Филип Македонски“ (мисли на името на улицата на која е МНР, која сега се вика “Стив Наумов“). Друг позитивен чекор е промената на името на Археолошкиот музеј и промената на таблите на граничните премини. Имплементацијата е една бирократска работа за која и по 2 ипол години гледаме дека треба временска рамка за целосна имплементација, рече Дендиас. На состанокот станало збор и за меѓуграничен железнички транспорт, а се зборувало и за отворањето на новиот граничен премин Маркова Нога. Двајцата колеги разговарале и за можна потенцијална хуманитарна криза по напливот на мигранти од Авганистан, при што било договорено заедничка соработка и комуникација на сите нивоа.
Дендијас не присуствуваше на прес-конференцијата во делот на поставувањето на новинарски прашања.