Станува ли Македонија држава на лекови за смирување?

Станува ли Македонија земја на “диазепами“? Според податоците од Фондот за здравствено осигурување само минатата година, во земјата биле препишани над 1.300.000 “диазепами“.

Диезапамот е лек кој се препишува за страв, анксиозност, немир, несоница, панични напади, мускулни грчеви. Психотерапевтот Мирјана Јовановска Стојановска смета дека препишаниот “диезапам“ не го користи само оној кому е препишан, туку и останатите членови во семејството и дека во нашето општество постои навика на козумирање на овој лек, при било какво чувство на болка или вознемиреност, а во сенка се става потребата од психолошка помош.

Според неа, со постојаното користење на овој лек, се намалува способноста на човекот да се потпре на самиот себе и да изгради свои заштитни механизми за справување со проблемите од неговото секојдвение.

Во листата на 10 најкористени лекови во Македонија за 2022 година, “диезапамот“ е на трето место. Над него се “еналаприл“ за регулирање на висок крвен притисок, како и “метморфинот“ за третирање на дијабет.

“Диазепамот” не ги решава проблемите, само те прави отапен

Професорката на Економскиот факултет при штипскиот универзитет Тамара Јованов јавно искажа зачуденост за зачестената и масовна употреба на „диазепами“ кај македонската популација.

– Како е можно во една година да се продадени над 1.300.000 кутии “диазепам“ во земјата? (Едит: ова била бројката издадена на рецепт, а во реалност е веројатно 2,5 пати поголема!) – праша таа преку објава на својот фејсбук профил.

– Зарем не е ова класична злоупотреба на апчиња за смирување? Зависност? Дали ги препишуваат лекарите? Дали луѓето ги купуваат самоиницијативно? Нели би требало малку повнимателно да се постапува при купопродажба на вакви апчиња? Зарем сите возрасни се навлечени на дрогава?, отворено праша Јованов.

Вели “диазепамот“ не ги решава проблемите, само те прави отапен, бесчувствителен на нив, до следната доза!

– Ако ништо не чувствуваш, никогаш нема да сакаш ништо ни да промениш! Ова е класично бегство од реалноста, исто како што е опишано во “Храбар нов свет“ на Хаксли. Каков пример даваме на младите како родители?! – констатира професорката.

На нејзиниот став се надополни и коментарот на д-р Ненад Лазаров.

– Зошто лекарите ги препишуваат ко бонбони? Некој ја почнал праксава, сега ги гледаме последиците. Ова е масовно дрогирање, буквално. Зарем не е подобро престој во природа да им се препише на луѓето, наместо да се прават зомбија? Смеат ли аптеките да го продаваат без рецепт? Ако да, зошто? Ова е чисто лудило, а бидејќие на некој начин дозволено, луѓето ќе си мислат дека е во ред, дека нема ништо погрешно, напиша познатиот доктор.

Останати вести