Стојанче Китаноски официјално ги предаде акредитивните писма и стапи на должност како амбасадор во Австралија

Новиот амбасадор на Република Македонија во Австралија, Стојанче Китаноски, заедно со неговата сопруга Соња, официјално ги започна дипломатските активности во земјата.

Китаноски ги предаде акредитивните писма на генералната гувернерка на Австралија, Сем Мостин, со што и формално го презеде амбасадорскиот мандат во Канбера.

По свеченото предавање на акредитивните писма, Китаноски сподели дека Канбера ги пречекала со сончево време и топло гостопримство од страна на генералната гувернерка. Во првите денови од престојот не изостанаа ниту препознатливите австралиски мотиви – средбите со кенгури.

„Акредитивните писма се предадени, Канбера во своето најсончево издание, многу топло добредојде од генералната гувернерка – и, секако, неколку кенгури по пат. Не е лош почеток на следните четири години“, oбјави Китаноски.

Новиот амбасадор најави дека во периодот што следува посебен фокус ќе биде ставен на средбите со македонската заедница ширум Австралија.

„Има многу на што да се радуваме, особено на можноста да излеземе на терен и да се сретнеме со нашите луѓе низ оваа прекрасна земја“, порача Китаноски.

Стојанче Китаноски е син на Илија Китаноски, долгогодишен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Со преземањето на амбасадорската функција во Австралија, тој во следните четири години ќе ги претставува интересите на Македонија и ќе работи на унапредување на односите со Австралија, како и на соработката со бројната македонска дијаспора во земјата.

Театарска класика „Печалбари“ блесна на сцената во Сиднеј:

Типично македонска приказна што ги допре срцата на публиката

Во Сиднеј минатиов петок и сабота, Liverpool Powerhouse Theatre во Касула беше во знакот на македонскиот театар, традиција и култура. Пред публиката беше изведена „Печалбари“, едно од најпознатите и најзначајни дела на македонскиот драмски автор Антон Панов.

Претставата донесе приказна која и денес звучи исклучително актуелно – приказна за печалбата, разделбата, љубовта, семејството и тешката одлука да се напушти родниот крај во потрага по подобар живот.

Во центарот на драмата е Костадин, млад човек кој заминува од својата татковина и од своите најблиски, соочен со суровата реалност на економската миграција. Низ неговата судбина се откриваат болката и жртвата што ги носи печалбата, но и надежта за подобра иднина.

Токму затоа „Печалбари“ има особено силна порака за македонската дијаспора. Приказната на Панов, иако создадена пред многу години, и денес потсетува на судбините на безброј македонски семејства кои низ генерации го напуштале родниот крај, носејќи ја татковината во срцето.

Публиката имаше можност да проследи исклучително посветена актерска изведба. На сцената настапија Изабела Апостоловски, Антонио Нешковски, Валентина и Никола Апостоловски, Елена Домазетовска, Васко Серафимовски, Емил Сулејман, Тони Кузаревски, Билјана Серафимовска, Михајло Тододровски, Теодор Трајковски и Кирил Мирчевски.

Со својата игра, актерите успеаја да ја пренесат драматичноста и емоцијата на приказната, создавајќи атмосфера во која македонската традиција, музика, фолклор и човечките судбини се споија во една моќна сценска целина.

Посебни честитки заслужува режисерот Омер Зекировски, кој ја оживеа оваа безвременска македонска приказна и ја донесе на сцена пред публиката во Австралија.

„Печалбари“ уште еднаш потврдија дека македонската култура нема граници. И илјадници километри од Македонија, приказните за нашите луѓе, нашите корени и нашата традиција продолжуваат да живеат на сцената.

Беше тоа вистинска македонска театарска вечер – исполнета со емоции, гордост, аплаузи и спомен кој долго ќе остане кај публиката.

Останати вести