Судењето за кочанската трагедија во која загинаа неколку млади лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе започне на 19 ноември 2025 година во најголемата судница во земјата – во затворот „Идризово“. Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички лица и 3 правни лица, меѓу кои се сопственици, проектанти, инспектори и поранешни државни функционери.
Меѓу обвинетите се наоѓаат Дејан Јованов – Деко, неговиот син и брат, како сопственици и управители на дискотеката „Пулс“, како и Гроздан Милковски, сопственик на објектот каде што се наоѓал локалот.
Одговорност е побарана и од лица од фирмата „Венци Проект“, меѓу кои и проектантот Милка Едровска, како и од надзорни инженери и лица што потпишувале употребни дозволи.
На обвинителната клупа ќе се најдат и тројца поранешни градоначалници на Кочани – Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов, кои во различни периоди потпишувале документи поврзани со легализација и безбедност на објектот.
Во постапката се вклучени и двајца поранешни министри за економија – Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како и поранешна државна секретарка во Министерството за економија, поради сомневање дека со своето постапување или непостапување придонеле за нерегуларностите при издавање на дозволите за работа.
Меѓу обвинетите се и директори и инспектори од повеќе државни институции – од секторите за заштита при работа, техничка инспекција и противпожарна безбедност.
Обвинението ги товари сите за тешки дела против општата сигурност, злоупотреба на службената положба и фалсификување службени исправи, со што, според обвинителството, била овозможена незаконската работа на дискотеката без соодветни противпожарни системи и дозволи.
Процесот се очекува да биде долг и сложен, со голем број сведоци и експерти. Договорено е сите обвинители да присуствуваат на секое рочиште а обвинетите пак ќе бидат носени според групи: сопственици, општински службеници…
– Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, меѓутоа морам да нагласам дека имавме состанок, најверојатно ќе ангажираме уште неколку обвинители имајќи предвид да не се отежне, односно да не се наруши постапката на другите обвинители што имаат други предмети, што значи дека можеби нема секогаш да присуствуваат сите обвинители, меѓутоа секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага по, да не речам, вина на Обвинителството, изјави државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Бројот на обвинители што ќе постапуваат по предметот, како што појасни тој, заедно со дополнително ангажираните можеби ќе биде 15 јавни обвинители.
Одбраната ја сочинуваат засега 33 адвокати и најавуваат дека ќе бараат раздвојување на постапката според одговорноста, додека семејствата на жртвите се надеваат на брза и праведна разрешница. Тие преку видеообраќање на социјалните мрежи побараа поддршка од сите граѓани во борбата против корупцијата во системот која доведе до големата трагедија. Нагласија дека иако имале средби со првите луѓе на институциите, сепак добиле само празни ветувања.
Истрагата за полицајците уште не е завршена
Иако истрагата за полицајците осомничени во случајот „Кочани“ требаше да заврши во септември, сепак, таа се одложи поради неколкумина сведоци во постапката. Ова е објаснувањето на државниот обвинител Љупчо Коцевски.
– Истрагата за полициските службеници беше предвидено да заврши до крајот на септември годинава, меѓутоа имаше објективни околности околу сослушување на одредени сведоци, со тоа што најверојатно на почетокот на наредниот месец ќе се донесе и јавнообвинителска одлука, изјави Коцевски.
Во однос на предистрагата за службениците од УЈП, Коцевски рече, дека се води предистражна постапка во ОЈО Кочани и надлежниот јавен обвинител дал одредени упатства и наредби за преземање на надлежните органи на одредени процесни дејствија.