Судот во Стразбур пресуди дека на судена за 27 априли биле прекршени правата во врска со притворот

Елена Доцевска-Божиновска, советничката на ВМРО-ДПМНЕ во општина Куманово, а претходно вработена во Собранието на РМ, ја доби Македонија пред Судот за човекови права во Стразбур (СЧП) кој пресуди дека и биле прекршени правата при постапката за одредување притвор, а во врска со нападот на Собранието на 27 април 2017 година.

Државата сега треба да и плати на Доцевска-Божиновска 1.600 евра.

СЧП не ја разгледувал пресудата во која, на крајот, таа беше помилувана откако Собранието донесе специјален закон а Доцевска-Божиновска (заедно со уште 14 други обвинети) поднесоа барање да бидат помилувани.

Случајот пред СПЧ се однесува за неможност на апликантката, а која била судена како дел од толпата на 27 април, да ги оспори поднесоците на јавниот обвинител во постапката за нејзиниот притвор и недостатокот на брзо преиспитување на тој притвор.

Во времето на „Крвавиот четврток“ Елена Доцевска-Божиновска беше вработена во кабинетот на тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, и беше една од 33 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок. Во последните месеци од 2017 година и почетокот на 2018 беше притворена и одлежа неколку месеци во затвор (откако и беше укинат домашниот притвор).

На судењето во ноември 2018 година во нејзин прилог сведочеше нејзина колешка, Светлана Наумовска, која рече дека таа се обидувала да ја смири топлата, а не ја насочувала и подбуцнувала, како што се тврдеше во обвинението. Откако толпата станала насилна, сведокот, Елена и уште двајца колеги од собраниските служби, кои биле дежурни, влегле во кабинетот на Трајко Вељаноски, каде бил и пратеникот Антонијо Милошоски и таму останале додека не биле евакуирани од полицијата.

На локалните избори во 2021 година Елена Доцевска-Божиновска беше носител на листата за советници на општина Куманово од ВМРО-ДПМНЕ, по што стана советничка.

Сакам правда, а не пари

Во изјава за “А1он“ Елена Доцевска-Божиновска во саботата рече:

– Поминаа 5 години… во претходната фаза од постапката, минатата година ми беше понудена Спогодба. Ја одбив без размислување! Сакам правда, не пари!

Голема сатисфакција ми е напишаното на тоа парче хартија, сериозна потврда за тоа што беше и е евидентно од самиот почеток дека се работи за монтиран политички процес, со ѕверски притвори, уште поѕверски воден судски процес во крајно нехумани услови и околности (рочишта секој ден во низа, по 10-12 часа, без храна и вода), драконски изречени казни за недокажано дело.

Пресудата е печат на тоа што повеќе од 5 години го кажуваме, што засекогаш ќе се раскажува како најголема неправда во историјата на македонското правосудство и нешто што никогаш не смее да се повтори – рече таа.

Не сака да покренува постапка и да чека правда од македонското судство, но се надева дека ќе следат и други вакви пресуди за другите обвинети од 27 април.

– Со оваа Пресуда од Европскиот суд за човекови права (каде нема Кацарски/Русковски аршини) една битка е добиена, продолжуваме понатаму да ги биеме битките, ќе следат и други вакви пресуди за другите обвинети и осудени, продолжуваме до конечна победа и до конечна слобода на неправедно осудените Уставобранители! – додаде Божиновска за „А1он“.

Останати вести