Таен договор за јавни автопатишта

Деловна тајна е договорот со американско-турскиот конзорциум “Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10-д, изјави координаторот на проектот и вицепремиер Артан Груби. Објаснувањето беше дека никаде во светот каде што “Бехтел и Енка“ склучувале договори не биле јавно објавени. Условите за 60-часовна работна недела Владата ги договорила пред да се донесат законски измени со кои ќе се спроведе.

Груби вели дека државата нема да плаќа пенали, туку дополнителни трошоци ако не се изменат осум закони. Ама роковите за измена на законите поминаа а во договорот јасно стои дека пенали – има. И тоа 53 милиона евра веднаш (со авансот од 170 милиони евра) а другите казни по 900.000 евра потоа на месечно ниво.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека не е прв пат договори со компании да не се објавуваат за да заштитат нивните интереси. Така не се објавени договорите со ОКТА, Еуромакс, кинеската Синохидро и турски ТАВ.

– Имаме стотици такви договори особено со фирми кои работат во ТИР- зоните, вели Бектеши.

Но, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска вели дека не гледа причини зошто да не се објави договор кој е од стратешко значење, но сепак остава резерва.

– Станува збор за стратешки договор од национален интерес, не сум сигурна во моментов, ќе проверам дали има евентуално некоја клаузула што би го спречувала тоа. Во спротивно, пак ќе кажам, тоа е договор од национален и стратешки интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста, изјави вицепремиерката Грковска на друг настан.

Потпретседателот на ВМРО–ДПМНЕ Александар Николоски на својот профил на Фејсбук објави само една страна од вкупно 438 страници од договорот на англиски.

Ако не се донесат измените во законите кои им се неопходни за исполнување на условот „завршен проект за 4 години и 7 месеци“ предвидени во договорот, тогаш рокот за изведба се зголемува за најмалку 6 месеци, а цената во старт ќе порасне за најмалку 53 милиони евра. По што ќе следуваат најмалку дополнителни 900 илјади евра за секој еден месец доцнење од предвидениот рок.

Овој проект од самиот почеток го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Но и покрај сомнежите, Владата и “Бехтел и Енка“ го потпишаa договорот.

Груби проектот го нарече историски ден за Македонија, а секоја прилика ја користеше за да ги негира обвинувањата поврзани со целиот проект за изградба на автопатите.

Најави дека првиот камен темелник за коридорот 8 ќе биде поставен на 27 април, додека за Коридорот 10-д ќе биде поставен на 12 мај. Прославата кога Груби ја откри таблата за изградба на коридорот 8 на која носеше маичка со коридорот вели дека ја платил изведувачот.

Останати вести