Строги полициски протоколи и обезбедување пред црквата “Свети Спас“, 3-часовен застој на границата со Бугарија каде влез чекаа стотина бугарски државјани и тензична атмосфера на Деве Баир. Вака помина чествувањето на 151-годишнина од роденденот на Гоце Делчев во Скопје.

Македонскиот државен врв рано наутро тивко му оддаде почит на македонскиот револуционер со положување цвеќе на неговиот гроб во црквата Св. Спас. По нив тоа го сторија и лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски, a по 13 часот и бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.


Владината делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, положија свежо цвеќе и оддадоа почит на истакнатиот македонски револуционер, Гоце Делчев, за неговиот водечки придонес во борбата за слобода и за македонската државност. Почит оддаде и претседателот на државата Стево Пендаровски, како и потпретседателот на Собранието Горан Мисовски и пратеници од владејачкото мнозинство и од опозицијата, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници од Генералштабот и други претставници од Министерството за одбрана. Меѓу делегациите кои положија цвеќе и оддадоа почит на великанот Гоце Делчев, беа и претставници од Сојузот на борци од НОАВМ, потпретседателите Наум Буревски, Елена Јованова Грујовска и Јоцко Димитриевски, претставници на политички партии во Македонија.

Владината делегација присуствуваше и на богослужбата посветена на Делчев, со којашто чиночествуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на свештенството.
Откако заврши официјалниот дел на честувањето на 151-годишнина од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, околу црквата “Св. Спас“ останаа полициските единици кои го обезбедуваат гробот на Гоце Делчев, во исчекување на бугарските делегации. Локацијата ја надлетуваше и полициски хеликоптер.