Томас Спасе Трпчевски – 17-годишен фудбалер од Мелбурн со македонско срце

Томас Спасе Трпчевски е еден од милионите деца кои го сонуваат детскиот сон – да станат фудбалери и да заиграат во голем европски клуб. За него, тој сон започна да се остварува уште на седумгодишна возраст во неговиот роден град Мелбурн, Австралија. Томас има македонско, односно битолско потекло, на кое е особено горд.

Неговиот дедо, Владо Трпчевски, е познат бизнисмен во Мелбурн. Роден во селото Живојно, подоцна се преселил во Битола, а од таму заминал за Австралија, каде што започнал нов живот, формирал семејство и успешен бизнис. Љубовта кон фудбалот се пренесува низ генерации – неговиот син играл фудбал, а денес таа приказна продолжува преку внукот Томас.

„Татко ми и дедо ми почнаа да ме носат на фудбал кога имав седум години. На почетокот играв во најмалите категории, повеќе како забава и запознавање со фудбалот. Така беше до мојата десетта година, а потоа преминав во фудбалска академија“, вели Томас во разговор што го водевме во Битола, пред неговото враќање во Австралија.

Од 10 до 13 години тренирал и настапувал за приватната „ФТС академија“, а на 13 години се враќа во својот матичен клуб Порт Мелбурн. Таму започнува да игра „возрасен фудбал“, настапувајќи во категории од 14 до 16 години.

По три години интензивна работа и натпревари, оваа сезона, со само 17 години, Томас настапува за У-19 категоријата во Првата лига.

„Играв за У-19 и тоа во нападот, на сите позиции – како центарфор и како офанзивен играч за врска. Постигнав 10 голови и бев еден од најдобрите во тимот“, истакнува тој.

Неговиот напредок не останал незабележан. Томас добива повик и за првиот тим, со кој по два месеци тренинзи одиграл и еден официјален натпревар. Паралелно настапувал и за У-19 и за У-23 селекцијата.

Тренерите за него имаат само пофални зборови: одлична физичка подготвеност, брзина, добар дриблинг и контрола на играта. Иако е најмлад, брзо се вклопил меѓу повозрасните соиграчи и е омилен во екипата.

Во септември и почетокот на октомври, Томас повторно престојуваше во Битола. Тој редовно доаѓа во Македонија и поминува по неколку месеци во градот под Пелистер, каде што се наоѓа и домот на неговиот дедо, на Широк Сокак.

„Како и секоја година, и оваа тренирав во Македонија. Работев со мојата генерација во ФК Пелистер, а поминав и десетина дена во Белград, тренирајќи со младинскиот погон на Црвена Ѕвезда“, вели Томас.

Во Белград тренирал со своите врсници под водство на тренерот Владимир Сандуловиќ. И таму добил одлични оценки – технички подготвен, физички моќен и брзо прилагодлив на нова средина.

„Првиот ден имав трема, нормално. Дојдов од долг пат и без одмор. Но желбата да се докажам беше посилна. Од тренинг во тренинг бев сè подобар. Се дружев со децата од Белград и носам прекрасни спомени“, раскажува Томас.

Тој и неговото семејство остануваат во постојан контакт со клубовите и тренерите. Планот е јасен – чекор по чекор, без брзање. Клучен момент ќе биде неговиот 18-ти роденден во септември, кога ќе може да направи европски трансфер без административни пречки.

До тогаш, Томас продолжува да тренира во Австралија и со нетрпение го очекува стартот на новата сезона, која започнува во февруари 2026 година.

„Ќе тренирам со првиот тим и се надевам на нови минути на теренот. Во моментов сум помеѓу резервите на првиот тим и У-23 селекцијата“, додава тој.

Покрај фудбалот, Томас е и одличен ученик. Во четврта година е гимназиско образование, со главен предмет биологија, а воедно е и стипендист.

„Имам уште седум-осум месеци до завршување на средното образование. Факултетот ќе зависи од тоа каде ќе продолжи мојата фудбалска кариера, но сигурно ќе се трудам да се образувам“, вели тој.

За крај, Томас јасно ја истакнува својата желба:

„Имам македонски пасош, моето потекло е од Битола и од Македонија. Сакам еден ден да настапам за македонската репрезентација. Би бил најгорд кога ќе го облечам македонскиот дрес и ќе ја пеам македонската химна.“

(Bitolanews)

Останати вести