Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја преживеа интерпелацијата што во Собранието му ја поднесе опозициската СДСМ. Смета дека главниот аргумент на опозицијата – дека истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани е партиски и намерно лошо водена – е неточен.
– Оваа ужасна трагедија што ја расплака цела држава не е последица на земјотрес. Се надевам дека за брзо ќе заврши истрагата и ќе покаже дека е последица на еден корумпиран систем, кој месец за месец, година за година, го нагризувал легитимитетот и легалитетот на функционирањето токму на предметниот угостителски објект, кој видовме како на крајот заврши. Доказите со коишто сум запознаен во рамки на истрагата, која што пак напоменувам, не е се уште завршена, говорат за континуирано, незаконито, коруптивно постапување, на многу сегменти во рамки на институциите, кои наместо да заштитат, наместо да проверат, наместо да утврдат фактичка состојба во насока на вистината, тие правеле се, само тоа не, нагласи Тошковски.
На прашањето дали полицијата требало да има сознанија дека во дискотеката се планира употреба на пиротехника и дали тој објект е казнет за употреба на нелегална пиротехника, Тошковски ги појасни актуелните законските одредби.
– Не сум запознаен со таков факт дека некогаш дискотеката е казнета за употреба на нелегална пиротехника, но факт е дека законските одредби предвидуваат за да МВР издаде одобрение, согласност… ама и тоа мора прво некој да го побара. Во конкретната ситуација барање не е доставено од страна на никого, ниту од страна на оние кои ги употребиле пиротехничките средства, ниту од страна на менаџерите на клубот, одговори Тошковски.
Според него обидот на опозицијата да манипиулира со овие факти е очигледен заради тоа што, како што кажа, и тие знаат да го прочитаат законот и тие знаат да отворат член од законот и да видат дека потребно е да има известување до МВР.
– Исто како што манипулираат во делот на тоа дека според Законот за јавни собири МВР било должно во рамки на угостителскиот објект да обезбеди вакви или онакви услови. Факт е дека кога станува збор за јавен собир МВР е должно да го покрие јавниот собир, но во конкретната ситуација не говориме за јавен собир, туку за угостителски објект во чии рамки се организирала одредена забава, каде што МВР не може да ги преземе дејствијата на приватните агенции за обезбедување кои им се дадени согласно закон, рече тој.
Тошковски истакна и дека според анкетите на јавното мислење но и според генералниот впечаток, довербата во МВР континуирано расте.
– Довербата во МВР расте, бидејќи народот конечно гледа неселективна и непоколеблива борба против корупцијата и криминалот, без оглед дали некој доаѓа од редовиет на една или друга политичка партија е на власт на локално или на централно ниво, гледаат дека таму кадешто имаме докази, таму каде што има злоупотреби, постапуваме, и луѓето гледаат надеж и тоа е генерален став којшто го добивам секојдневно, додаде министерот.