Треневски: Елмас ќе биде новиот лидер на Македонија, а “Диего Марадона“ е идеално место за да стане ѕвезда!

Поранешниот македонски репрезентативец Виктор Треневски, кој му беше тренер на Елиф Елмас во Работнички во сезоната пред македонскиот бисер да замине во Фенербахче, за италијанските медиуми посочи дека култниот стадион во Неапол, сега со името на легендарниот „Диего Армандо Марадона“ е идеално место за фудбалерот за врска од дијамант да стане – ѕвезда.

Треневски во интервју за италијанските медиуми потенцира дека Елмас е тој што треба да ја преземе лидерската палка од легендата Горан Пандев после пензионирањето на досегашниот капитен и Македонија да ја води во нови успеси, а очекува конечно под палката на Лучано Спалети да ја покаже сета вредност на Чизмата.

– После “гранде Пандев“, Елиф е тој што мора да ја преземе лидерската улога во македонската репрезентација. Сепак, за такво нешто, за да стане лидер, ќе мора многу да работи, ама и ќе треба време. Јас се надевам дека Македoнија ќе продолжи со позитивните резултати и дека тие ќе зависат од тимот, а не од индивидуалецот и Италија е најдобар доказ за тоа, вели Треневски.

Тој посочува дека конзистентноста во настапите во сезонава е начин да покаже дека е созреан.

– Елмас ќе мора да биде конзистентен, како физички, така психички и тоа ќе покаже дека веќе е зрел за големи нешта, а оваа сезона е таа каде што треба да ја покаже таа зрелост по секоја цена, но не само на теренот. Фудбалот е начин на живот, ама и бизнис. Во светскиот фудбал има многу дијаманти, ама само неколкумина стануваат – ѕвезди. Но, Елмас е на вистинското место и ако навистина сакате да сте голема ѕвезда, Неапол и стадионот “Диего Марадона“ се идеално место од дијамант да станете ѕвезда. Елмас по Еуро 2020 е порелаксиран, сега е уште погладен за успех, покажува зрелост и мислам дека е подготвен да порасне фудбалски со Спалети, кој е извонреден тренер и мислам дека за разлика од Гатузо, со него Наполи ќе напредува, а и со тоа и Елиф, додава Треневски.

Останати вести