Поранешниот премиер повикува на искрен говор за променетиот светски поредок и идните односи со САД
Поранешниот австралиски прајминистер Малколм Трнбул изјави дека владата на Ентони Албанезе мора отворено да признае дека светскиот поредок фундаментално се променил под претседателството на Доналд Трамп, наместо да се преправа дека глобално ништо не се изменило.
Говорејќи за радио подкастот Full Story на Guardian Australia, Трнбул повика на јасна и искрена анализа, слична на говорот што канадскиот премиер Марк Карни го одржа на Светскиот економски форум во Давос, каде што предупреди дека поредокот предводен од САД доживува „распад“, а не транзиција.
„Австралиската влада досега не понуди доволно јасна и ригорозна анализа на светот каков што навистина е“, рече Трнбул, додавајќи дека прајминистерот Албанезе треба да одржи говор кој ќе признае дека геополитичката реалност се променила.
Карни во Давос повика да се напушти илузијата за „меѓународен поредок заснован на правила“, оценувајќи дека светот влегува во период на засилено соперништво меѓу големите сили, во кој најмоќните ги наметнуваат своите интереси преку економска принуда.
Трнбул, кој беше прајминистер од 2015 до 2018 година, повторно ја критикуваше зависноста на Австралија од САД и договорот АУКУС вреден 368 милијарди долари. Иако оцени дека Албанезе бил во право што досега внимателно се воздржувал од директни коментари за Трамп, тој смета дека сега е вистинскиот момент за стратешко обраќање до јавноста.
„Американците јасно порачуваат дека сојузниците мора повеќе да се потпрат на себе. Австралијците гледаат дека САД под Трамп не се истите САД што ги познававме“, изјави Тернбул.
Тој додаде дека Трамп е лидер кој преговара само „кога ќе наиде на отпор“, нагласувајќи дека Канбера не смее да продолжи да се однесува како ништо да не се променило.
Федералниот благајник Џим Чалмерс го опиша говорот на Карни како „зачудувачки“, истакнувајќи дека распадот на старите сигурности е видлив во трговските тензии, војната во Украина и односите во рамките на НАТО.
Според Чалмерс, интересите на Австралија најдобро се штитат преку соработка и управување со разликите во рамките на меѓународното право и меѓународните институции.