Уапсени петмина лекари дерматолози – набавувале фалсификувани филери и ботокс, вршеле нелегални третмани

По наредба на јавен обвинител македонската полиција извршила бројни претреси и апсења во Скопје, Битола и Струмица во врска со незаконски увоз на медицински материјали за естетика (ботокси и филери). Во акцијата „Чисто лице“ лишени од слобода се 14 лица, а кривично ќе одговараат вкупно 19 лица и 6 фирми во оваа  организирана криминална мрежа во која има доктори од скопските државни болници и сопственици на дерматолошки ординации. И најмалку еден цариник.

Судија на претходна постапка за 6 од осомничените определи ефективен притвор, за 4 лица куќен а за 9 мерки за претпазливост (одземање на патна исправа, редовно пријавување во суд).

„Во рамки на постапка за организиран илегален увоз и дистрибуција на медицински средства користени при естетски зафати, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈО ГОКК), Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР се уште спроведува координирана акција при што се вршат интензивни претреси на повеќе локации низ државата – во фирми, домови и на работни места. Акцијата е резултат на постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела ‘Злосторничко здружување’, ‘Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма’ и ‘Примање поткуп’”, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Според неофицијални информации меѓу уапсените се петмина лекари  – четворица од лекарите наводно се дерматолози од државното здравство (од ГОБ „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија), а еден е од приватна ординација.

Сомневањата се дека групата вршела нелегален увоз и дистрибуција на фалсификувани ботокси, филери и други медицински препарати, кои биле внесувани во Македонија преку нелегални канали од повеќе држави, меѓу кои Јужна Кореа, Турција и Србија. Производите немале соодветна контрола, дозволи ниту регистрација, а потоа биле пласирани на пазарот. Сите овие медицински препарати организираната група ги внела во државата со шверцување а во операцијата им помогнал цариникот. Тој се товари дека најмалку двапати „замижал“ пред нелегалниот увоз за што примил поткуп.

Фотографиите кои ги објави МВР од запленетата стока откриваат дека во ординациите низ Скопје, Битола и Струмица завршувале препарати кои на пакувањата ја носат ознаката „Not intended for sale in EU“. Ова е јасен доказ дека производите се наменети за пазари со слаба или никаква регулатива. Препаратите биле складирани во несоодветни услови, по домови на роднини и пријатели на организаторите. Фотографиите на МВР од претресите покажуваат ботокс расфрлан во обични патнички ладилници, што директно го уништува неговиот хемиски состав и го прави токсичен за организмот. Наместо подобрување на изгледот можеле да предизвикаат сериозни здравствени последици: инфекции, деформитети, некрози на ткиво, трајно слепило, па дури и мозочен удар.

Засега од Министерството за здравство немаат излезено со препораки што да преземат пациентките кои што биле третирани со овие фалсификати, ниту пак дали е потребно да направат некакви испитувања. Инаку, во Бугарија минатата година имаше скандал со увоз на нерегистриран ботокс од Турција при кој 12 жени завршија хоспитализирани.

МВР соопшти дека при акцијата „Чисто лице“ биле пронајдени и одземени поголеми количества медицински лекови и помагала, меѓу кои филери, ботокс и хијалурон, како и 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци, 26.000 денари, патничко возило „порше“, поголема количина парфеми и декларации, мобилни телефони, тревкаста материја и други предмети.

Истрагата покажува дека во текот на 2026 година, со намера да стекнат противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, на кои подоцна им се приклучиле и останатите. За прикривање на активностите користеле правни лица (фирми) од Битола и Скопје како параван. На организиран начин набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала, вклучително и ботокс, од Србија, Кореја и Турција, а потоа нелегално ги внесувале во државата за да ги складираат, дистрибуираат, продаваат и аплицираат на трети лица.

Во најголем дел, според истрагата, во ова биле вклучени лекари, кои иако знаеле дека препаратите претставуваат лекови и медицински помагала што не биле увезени согласно прописите, ниту имале соодветни упатства и декларации со одобрение од МАЛМЕД, сепак ги користеле за естетски корекции. Со тоа, според ЈО, била предизвикана општа опасност по животот и здравјето на луѓето.

Истрагата опфаќа и блиски роднини на дел од осомничените, кои, иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на сомнителните лекови и медицински помагала во нивните домови.

Screenshot

Останати вести