УНЕСКО, Парагвај: „Традиционална изработка и свирење на гајда“ впишано на Репрезентативната листа за нематеријално културно наследство на човештвото

Културното добро „Традиционална изработка и свирење на гајда“ отсега е впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

Мултинационалната номинација, поднесена од Македонија и Турција, беше разгледана и усвоена на минатонеделната сесија на 19. СОМ на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство, што се одржа во Асунсион, Парагвај.

Ова е важен момент во македонската култура бидејќи дури по 7 години од Македонија впишува уште едно нематеријално културно добро на листите на УНЕСКО, со што вкупниот број на впишани заштитени добра од земјата е 6, од кои 2 заеднички со Турција.

Номинацијата беше подготвена со меѓусебна координација на македонскиот тим, составен од претставници од Управата за заштита на културното наследство и од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, и експертскиот тим на Министерството за култура и туризам на Република Турција.

Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО во 2013 година со впишувањето на „Чет`рсе – празнувања на светите Четириесет маченици во Штип“, потоа „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец“ (2014 г.), заедничката апликација на Македонија и Турција „Пролетна прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на Македонија, Бугарија, Романија и на Молдавија „Културни практики поврзани со 1 март“ (2017 г.) на Репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 г.) на Листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита.

Останати вести