Ураган мина низ Македонија: Повредени 33 лица и материјална штета која ќе се компензира 5 отсто

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) на Македонија соопшти дека на 21 јули 2026 година на три автоматски метеоролошки станици во државата бил регистриран урагански ветер. Најсилен удар е забележан во Штип со 134 км/ч, додека во Скопје и во Ново Село (Струмичко) се измерени удари од 130 км/ч.

Според класификацијата за јачина на ветер, секој ветер со брзина над 118 километри на час се дефинира како оркан или ураган. УХМР нагласува дека вакви екстремно силни ветришта се случуваат многу ретко во земјата и предизвикуваат силни разорувања и значајни штети во пошироки размери.

Рекордната брзина на ветер некогаш измерена во Македонија е 155км/ч, во Штипско, во јули 2012.

Паднати покриви, дрвја, штети врз автомобили

Во невремето проследено со пороен дожд и силен ветер што ja зафати Републиката беа предизвикани материјални штета: урнати покриви, фасади, електрични водови, урбана опрема, скршени прозорци, оштетени тераси, гаражи, автомобили, паднати дрвја во дворовите, паднати семафори и бандери… Во Скопје ураганскиот ветер го собори 40-метарскиот јарбол со државното знаме пред хотелот „Континентал“.

Во главниот град беа пријавени и 33 лица кои се здобиле со повреди. Петнаесет биле примени во болниците. Карактеристичен беше случајот со 86-годишна госпоѓа врз која на улица во населбата Карпош паднал дел од крошната на дрво. Откако минувачи ја извлекле и додека чекале брза помош, едно момче тргнало да ја бара нејзината чанта – а кога ја нашло до неа (можеби паднала од неа) видел и рачна бомба!? Потоа се чекале и припадници на МВР за деминирање за да ја подигнат бомбата.

Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски изјави дека од деветте повредени, две се со потешки повреди – една жена со повреда на глава е на Неврохирургија, а друга е со скршена рака.

На Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски” (поранешна Градска, спроти Собранието) биле хоспитализирани шест лица.

– Сите повредени што беа донесени кај нас се во стабилна состојба. Не беа задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден е повреден од лим кој паднал од некој покрив, а еден е повредени од паднати керамиди, изјави д-р Небојша Настов, директорот .

Обесштетување во висина од 5%

Сега тече проценката за настраданите што ја прават општинските комисии. За сумирањето на сите штети ќе бидат потребни повеќе денови, со оглед на фактот што во текот на невремето и по него, до дежурните служби за помош имало дури 9 илјади повици, што биле пријавени дури 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви, околу 200 паднати дрвја… Сознанијата покажуваат дека најголемиот дел од имотите на овие граѓани не биле осигурени од штети по основ на невремето. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски изјави дека Град Скопје има средства на посебна сметка предвидена за вакви случаи. Но другите општини веројатно и немаат, па затоа ќе траба Владата да помогне.

Според досегашните искуства, обесштетувањето што ќе го добијат граѓаните ќе изнесува околу 5% од штетата. Такви беа искуствата за поплавените во Кичево и настраданите граѓани во седум други општини: Валандово, Ресен, Крива Паланка, Велес, Кавадарци, Пробиштип и Македонски Брод. Петпроцентно обесштетување во февруари годинава добија и граѓаните на Битола чии домови беа оштетени од земјотресот пред четири години. Тогаш на сметките на граѓаните без префрлени износи од 200, 300, ретко од 1.000 денари, што предизвика револт и исмевање. Незадоволни, битолчани тогаш изјавуваа дека со тие пари „не може да купат ниту канта боја“. 

Обесштетување за автомобилите може да има само во случај кога за паднатото дрво имало решение за сечење.

Останати вести