Фирма со руски капитал, регистрирана во ЕУ, се обидела да влезе на тендер за крипто-опрема во Министерството за одбрана

Сомнителна фирма со руски капитал се обидела да влезе на тендер за набавка на специфична опрема (криптозаштита) во Министерството за одбрана, посочи министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за „Код“.

Името на фирмата не се соопштува јавно (поради истражната постапка) но е регистрирана во земја членка на ЕУ за да се прикаже како релевантна на пазарот. Во постапката на тендерот македонските разузнавачки служби алармирале дека станува збор за сомнителна руска фирма.

– Тоа беше индикативно, затоа што првата фаза која помина, понудата на оваа фирма беше од прилика скоро иста со останатите две фирми, значи не се разликуваше многу, може за некои стотина илјади евра, меѓутоа во втората фаза спуштија неверојатно ниско, скоро 50 отсто поевтина сума и тоа ни го потрврди сомнежот дека по секоја цена сакаат да го земат, посочи Петровска.

Вредноста на опремата била над 1 милион евра.

Според Кривичниот законик, Петровска вели нема основ за кривично дело, но заштитата на безбедноста на државата треба да се крене на повисоко ниво.

– Правиме некои анализи веројатно ќе треба Законот за јавни набавки да се промени, затоа што во општиот закон, освен за законот од областа на одбраната и безбедноста, се вели дека најниската цена добива. Ние не можеме да си го дозволиме тоа, дури кога набавуваме и храна за Армијата не можеме да си дозволиме најниска цена, затоа што треба да внимаваме на квалитетот, бидејќи ние набавуваме буквално сè, вели Петровска.

Случајот со фирмата на внукот на Ахмети

Фирмата „Тхор“, чиј сопственик Дрин Ахмети е внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, успеа да добие тендер во Министерството за одбрана додека за него се водат две предистраги.

„Тхор“ добил тендер за изработка на софтверски пакет „help desc“ во висина од околу А$25,000. Според законите, на фирма против која нема правосилна судска пресуда не може да и се забрани учество на тендери.  Конкретно на овој објавен од МО имало вкупно пет фирми понудувачи, а „Тхор“ бил најевтин, со 40% пониска цена од следниот.

Останати вести