Додека граѓаните се во грч од нови поскапувања, функционерите одбројуваат до следното зголемување на нивните плати и тоа од 300 до 500 евра (A$300 – 830). Па така, шефот на државата следната година ќе зема околу 190 илјади денари (A$5,130) плата, премиерот Ковачевски 180.000 (A$4,870), а пратениците над 122 илјади денари (A$3,300 – плус уште толку за патни трошоци).
Ваквото зголемување ќе биде редовно секоја година оти Уставниот суд ја укина фиксната основица и коефициентот го врати да биде врзан со просечната плата, па сега како што расте таа така ќе растат и платите на 23 министри, 120 пратеници, околу 460 судии, над 220 обвинители, 81 градоначалник… вкупно 1.060 функционери.
Според синдикатите, ова уште повеќе ќе ги налути работниците.
Трпе Деановски, претседател на синдикатот на вработени од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани – УПОЗ вели:
– Не знам со кого пијат кафе министрите или пратениците од сабајле, ама би било убаво да испијат кафе со некој од приватниот или јавниот сектор и да ги прашаат колку е реална платата што ја добиваат на нивните сметки. Бидејќи со 20 илјади денари минималец не се издржува. Ние бараме 78 проценти покачување на плата и враќање на додатоците на плата како што тоа го добија функционерите. Овие 2.000 луѓе членови на УПОЗ морале да се борат за секое право што го имаат добиено – во 2002 година 80 дена штрајк, во 2016 година – 60 дена штрајк, вели Деановски.
Дополнителните 15% догодина, сосе 78% од годинава, значи дека за една година функционерските плати ќе бидат зголемени за цели 93%.
Опозицијата ветува дека ќе ја менува пресметката откако ќе дојде на власт.
– Ќе имаме нов правилник на исплата на плати и нивелирање на коефициентите и нова методологија и тогаш нема да имаме ваков случај со платите на избраните функционери, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Судската и обвинителската администрација се во штрајк и бараат пораст на платите како функционерските, a бурно реагираа и останатите вработени во јавниот сектор кои добија само 10% зголемување.
Владата уште во април најави дека самата ќе ги спушти коефициентите за пресметка, па се премисли и рече дека ред со платите ќе стави нов закон кој е закочен поради многубројните забелешки од сите синдикати.