Европскиот првак Челси ќе остане без многу ѕвезди од актуелниот тим откако Велика Британија воведе санкции кон рускиот олигарх Роман Абрамович.
Поради санкциите Челси сега не може да продава билети за наредните настапи (ќе важат само веќе продадените сезонски), не може да продава свои продукти во фан-шопот, а не може ниту да ангажира играчи или да продолжува договори, што го ставаат лондонскиот премиерлигашки гигант во многу тешка ситуација. Исто така не смее да потроши повеќе од 20.000 фунти при гостување. Голем број спонзори поради ова размислуваат да се повлечат од лондонскиот клуб.
Во моментов пет фудбалери на крај од сезионава се слободни, а Челси со сите преговараше за останување и нови договори, но како стојат работите сите тие со чисти документи ќе си заминат. За двајца Барселона веќе трие раце, шпанскиот репрезентативец и капитен Цесар Аспиликуета и за дефанзивецот Андрес Кристијансен.
Германецот Антонио Ридигер веќе подолго време преговараше со „сините“, но до договор не се дојде поради разликите во платата, ама сега како стојат работите веќе може да си избере дестинација каде да замине. Покрај него, Саул Нигез ќе се врати во Атлетико Мадрид, иако Челси имаше опција да го откупи, додека последниот петти фудбалер што може да си замине без проблем е Чарли Мусонда.
Но, настрана овие заминувања, за кои веројатно барем за дел од нив беа и извесни, проблем за Челси е што нема да може да најде замени, а тројца од петте играчи што ќе си одат се дефанзивци.
Нголо Канте кој на лето влегува во последната година од договорот е на списокот на желби на ПСЖ, додека Жоргињо би можел да се врати во Серија А и да потпише за Јувентус.
Интерес за Рис Џејмс пројавуваат Реал Мадрид и Манчестер сити кој бара замена за Кајл Вокер.
Кризата во Челси сака да ја искористи и Ромелу Лукаку и да се врати назад во Интер, додека интерес за Каи Хаверц пројавува Баерн Минхен. Тимо Вернер би требало да си замине од Челси, а за неговите услуги ќе се борат Борусија Дортмунд и неговиот поранешен тим Лајпциг.
Маркос Алонсо има две опции, Интер и Реал Мадрид.