Прославени четири децении од организирањето на традиционалниот Илинденски фестивал (1986–2026)
Минатава сабота, во Plenty Ranges Arts & Convention Centre – Yan Yean Theatre во South Morang, Федерацијата на македонските културно-уметнички друштва на Викторија (ФОМКУД) го одбележа големиот јубилејен 40. Илинденски фестивал, прославувајќи четири децении негување и афирмација на македонската култура, традиција и фолклор во Австралија.
Јубилејниот Илинденски фестивал беше повеќе од концерт – тој беше свеченост на истрајноста, заедништвото и љубовта кон Македонија. Од првиот удар на тапанот во 1986 година до денешните раскошни сценски настапи, Илинденските денови остануваат симбол на македонскиот дух што гордо се пренесува од генерација на генерација.
На сцената настапија осум македонски културно-уметнички друштва од Викторија: „Светлост“, „Тоше“, „Јане Сандански“, „Гоце Делчев“, „Александар Македонски III“, „Бисер“ – Џилонг, „Илинден“ и „Никола Карев“. Тие со своите настапи создадоа прекрасна атмосфера.
Преку традиционалните песни, ора и автентичните носии на најубав начин ја пренесоа богатата македонска културна ризница за да го прослават своето наследство и да покажат дека традицијата продолжува да живее во новите генерации.
ФОМКУД како организација на македонските културно-уметнички друштва во Викторија, обединува околу 400 деца и млади на возраст од 5 до 18 години, кои преку фолклорот ги учат и продолжуваат македонските традиции. Особено значајно оваа година беше враќањето на сцена на МКУД „Бисер“ од Џилонг, кое повторно зеде учество што претставува важен чекор во обновата и идниот развој на друштвото кое накратко згасна.
Искрени честитки до сите играорци, кореографи, музичари, родители, волонтери, организатори и поддржувачи кои со својата посветеност придонесоа Илинденскиот фестивал да трае и да блеска цели четириесет години. Нивната љубов кон македонската култура е најсилната гаранција дека оваа прекрасна традиција ќе продолжи да живее и во децениите што следуваат.



