Чешки „блек хок“ со седумчлен екипаж и словенечки пожарникари со 18 возила гасат на Готен

Ситуацијата со пламените јазици во Македонија, кои досега предизвикаа огромна материјална штета, и натаму е алармантна. Дневно во просек има над 30 пожари. Најголем дел се помали пожари на отворено, а моментно поголеми површини се зафатени од оган на планината Готен кај Берово и во општина Долнени, кај селото Стровија.

Со активирањето на механизмот за цивилна заштита на ЕУ, на помош во гаснењето на пожарите во Македонија минатата седмица се вклучија Чешка и Словенија (Франција исто така понуди да испрати пожарникари). Чешка испрати хеликоптер за гаснење од типот „блек хок“ со седумчлен екипаж, додека Словенија 17 возила и 61 лице (42 пожарникари). Тие веднаш беа упатени во Берово за да го гасат пожарот на Готен.

Благодарение пред се на дождот кој падна но и аплицирањето на таканаречени „бoмби“ од чешкиот хеликоптер (резервоар со капацитет од над 3.400 литри вода) за само еден ден се стави под контрола пожарот на Готен, кој повеќе од две недели ја пустошеше шумата во општините Василево, Радовиш и Берово.

Пожарите кај селата Грешница и Латово во Македонски Брод веќе не се шират, иако гореле мешана шума и деградирана вегетација. Слична е ситуацијата и меѓу селата Драгоево и Селце во Штип, каде што биле зафатени нискостеблести шуми и сува трева. Воспоставена е контрола и во Карбинци, кај селото Јунузлија, како и во регионот меѓу Црешево, Локвица и Крапа (Македонски Брод), каде што горела деградирана дабова шума.

Министерот за животна средина Изет Меџити најави дека ќе се изврши пошумување на секоја опожарена педа.

Во меѓувреме не престанаа политичките препукувања за тоа кој е виновен за пожарите во земјата.

Пратеникот Миле Лефков (ВМРО-ДПМНЕ) обвини дека, според информации на неговата партија, шоферот на Зоран Заев го подметнал пожарот кај браната „Водоча“ во Струмица. Тој обвини дека пожарите се смислено сценарио на СДСМ и на луѓе блиски со нив, со цел создавање нестабилност и хаос во државата, а крајната цел, според него, е да се обвинат институциите дека не може да се справат со пожарите.

Екс-премиерот Зоран Заев пак, во изјава за „Фокус“, појасни дека приведениот никогаш не бил негов шофер, туку просто вработен во Општина Струмица (по потреба како портир или шофер на инспекциските служби).

Останати вести