Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека прва работа што ја направил е ревизија во јавните претпријатија на градот. Притоа се отпуштени 398 лица кои земале плата, а не доаѓале на работа.
Најголемата бројка на вакви случаи, околу 170 лица, биле евидентирани во „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“.
– Имало и работници и раководители. Убеден сум дека ќе дојдеме до бројка од 500 луѓе. Таква бројка да земале плата – тоа се најмалку 5 милиони евра од граѓаните годишно. За четири години тоа се 20 милиони евра. Во превод – тоа е цената за забавниот парк што треба да го направиме, а го чекаат скопјани, изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави дека ќе бара одговорност од сите лица кои потпишувале документи и одобрувале вакви вработувања, истакнувајќи дека сите имиња ќе бидат јавно објавени. Сите што земале плата, а не се појавувале на работа, ќе бидат јавно обелоденети.
Ѓорѓиевски потенцираше дека бркањата од работа се законски и дека нема да има толеранција за злоупотреби на јавни ресурси.
Тој категорично изјави дека „прошка и милост нема да има за никого“ и ги повика надлежните институции да влезат во претпријатијата и да ги истражат овие случаи, најавувајќи дека ќе бара одговорност без оглед на партиска, верска или национална припадност.
Дополнително, тој укажа и на хаосот во другите јавни претпријатија.
– Додека половина Скопје нема вода за пиење, во „Водовод и канализација“ има четири магацини полни со материјали. Некој тоа свесно и намерно го правел, рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека следува целосна ревизија на работењето на сите градски претпријатија.
„Комуналец“ изнајмувал приватни камиони со договор за наводни „интелектуални услуги“
– Има една информација која стигна до мене, а поткрепена со документи и ги повикувам надлежните институции да постапуваат, а тоа е дека биле ангажирани возила изминатиов период за чистење во „Комунална хигиена“, и тие возила се плаќани на име на физички лица на име на интелектуални услуги, во износ од 5 до 10 илјади евра, така што повикувам да се вклучат институциите надлежни за ова и да ја испитаат работата. Јас најавив дека ќе има одговорност и ревизија и еве ве информирам дека имаме сериозни индиции за прекршување на законите, особено во „Комунална хигиена“, рече градоначалникот на Скопје, Ѓорѓиевски.
